Овој народ речиси и не му приоѓа на копното: Нуркаат и до 70 метри длабочина, а можат да го задржат воздухот цели 13 минути

818

Баџау, народ кој живее на Малајскиот архипелаг, речиси целиот свој живот го поминува на море.

Тие живеат во чамци или колиби сместени на плитките гребени и мигрираат од место на место во флоти кои можат да примат цели кланови. Нивната исхрана се состои од морски плодови и животни кои сами ги ловат.

Нуркачките способности им се неверојатни. Понекогаш се спуштаат и до 70 метри длабочина и можат долго да издржат под вода, без современа нуркачка опрема. Тие можат да нуркаат до 13 минути.

Овој номадски народ живее во водите на Филипини, Малезија и Индонезија, каде нурка за да лови или бара природни елементи кои можат да се користат во занаетите.

Племето Баџау е долго време застапено на овој архипелаг. Некои истражувања велат дека на тие простори живеат повеќе од 1000 години, а многумина нагаѓаат дека овој народ има генетски предиспозиции кои ги прилагодуваат на ваквиот специфичен начин на живот. Поединечни научни истражувања ги потврдиле ваквите тези.

Од сите органи во човековото тело, слезината е можеби најспецифичниот. Технички можете да живеете без тој орган, но додека го имате, помага во зачувување на имунолошкиот систем и рециклирање на црвените крвни зрнца. Досегашните истражувања покажуваат дека слезината кај морските цицачи кои го поминуваат поголемиот дел од својот живот под вода се непророрционално големи. Професорката Мелиса Илардо од Центарот за геогенетика на универзитетот во Копенхаген сакала да открие дали истото важи и за луѓето во текот на нуркањето. Таа во текот на престојот во Тајланд слушнала за морските номади и била импресионирана од нивните натчовечки способности.

“Сакав најпрвин да се запознаам со заедницата, а не само да се појавам таму со научна опрема. Кога ги посетив вториот пат, донесов пренослив апарат за ултразвук и останата медицинска опрема. Посетивме повеќе домови и ги снимивме нивните слезини. Беа изненадени што сме слушнале за нив”, изјавила Илардо.

Таа зела и примероци од сродната група на луѓе наречени Салуан, кои живеат на индонезиското копно. Споредувајќи ги двата примероци во Копенхаген, нејзиниот тим утврдил дека просечната големина на слезината на член од племето Баџау е за 50 отсто поголема од истиот орган кај човек од племето Салуан. Истражувачите исто така пронашле ген наречен “PDE10A” за кој се смета дека контролира одреден хормон на штитната жлезда. Таков ген имаат припадниците на Баџау, додека кај припадниците на Салуан тоа не е случај.

Додека слезината може делумно да го објасни одличното нуркање, постојат и други одговори на ова прашање, тврди Ричард Мун од Медицинскиот факултет на универзитетот Дјук. Мун проучува како човековото тело реагира на големи висини и екстремни длабочини.

Кога човек нурка длабоко во вода, зголемувањето на притисокот доведува до тоа крвните садови на белите дробови да примаат значително повеќе крв. Во екстремни случаи, садовите можат да пукнат што често резултира со смртен исход. Покрај генетски наследените адаптации, редовната обука би можела да помогне во спречување на тоа.

Но, начинот на живот на морските номади станува сè позагрозен. Тие се сметаат за маргинализирана група која не ги ужива истите права како нивните сонародници на копното. Зголемениот индустриски риболов го отежнува опстанувањето на локалните залихи, а како резултат на тоа, многу се одлучуваат да го напуштат морето.

Без поддршка за нивниот начин на живот, Илардо се грижи дека племето нема да биде уште долго време присутно на местата каде што сега живее, како ни нивните лекции за здрав живот.