Целосна анализа на синоќешните NBA натпревари. Во дербите на вечерта, Денвер Нагетс ја победи Филаделфија 76ерс – лидерот од Исочната конференција. “Нагетси” го одбранија домашниот терен во меч каде ја имаа контролата од почетокот до крајот (конечни 104-95).Тимот од Колорадо беше предводен од Џемајл Мареј кој реализираше 30 поени. Во чекор беше следен од Мајкл Портер Јуниор кој постигна 27, а лидерот Никола Јокич имаше уште една одлична претстава сочинета од 21 поен и 10 скокови.
Лос Анџелес Клиперс беше непријатно изненаден на домашен терен. Загуби од еден од најслабите тимови во лигата – Орландо Меџик (конечни 103-96). Дури пет играчи на “магичните” имаа двоцифрен број на поени. На спротивната страна 28-те поени на Каваи Ленард не беа доволни за триумф над младиот тим од Флорида.
Во Аризона имаше жежок двобој помеѓу домаќинот Феникс и гостите од Атланта. Девин Букер (стандардно) ги предводеше “сонцата” со 21 реализиран поен. Пријатно изненади хрватскиот репрезентативец Дарио Шарич кој постигна 20, а центарот Диандре Ејтон имаше дабл-дабл учинок од 13 поени и 14 скокови. Конечен резултат 117-110 за градот од долината на сонцето. “Јастребите” беа предводени од Богдан Богданович со 22 поени како и Треј Јанг со 19 поени и 13 асистенции, сепак недовлно за гостински подвиг.
Нова сјајна партија за Расел Вестбрук. Втора вечер по ред реализира трипл-дабл (22 поени, 14 асистенции и 15 скокови) недоволни за нов триумф на “волшебниците” над Шарлот Хорнетс. Гостите од Северна Каролина беа предводени од експлозивниот Тери Розиер (27 поени) и ветеранот Гордон Хејворд (26 поени) доволно за една од ретките победи надвор од својата сала. За Вашинтон, повторно не настапи нивниот најдобар играч (првиот стрелец во првенството) Бредли Бил.
NBA FAN
Димитар Младеновски