NBA колумна на Димитар Младеновски-Шампионот ангажира ѕвер во рекетот

956

Актуелниот шампион, Лос Анџелес Лејкерс, веќе подолг период се сметаше како главен фаворит за ангажирање на центарот Андре Драмонд. Во текот на денешниот ден тоа ке стане реалност. За неговите услуги сериозно беа заинтересирани и тимовите на Бостон Селтикс, Мајами Хит и Њу Јорк Никс. Сепак, на крајот пресудно беше големото пријателство помеѓу Драмонд и првите ѕвезди во тимот, Леброн Џејмс и Ентони Дејвис.Што значи овој ангажман за Ел-Еј?

Уште еден силен адут во рекетот на тренерот Френк Вогел. Драмонд е 27 годишен кошаркар со богата искуство и е веќе двократен All-Star. До сега четири пати беше најдобар скокач на првенството. Има исклучително чувство за топка и мек шут. По заминувањето на Двајт Хауард и Џавејл МекГи се почувствува потребата од решение на центарската позиција. Таа потреба беше највидлива последните два месеца по паузата на Ентони Дејвис кој е отсутен поради повреда. Годинешниот прв центар, шпанецот Марк Гасол ја игра најлошата сезона во кариерата па промените беа неизбежни. Иако “Дре” поседува моќна градба со речиси 130 килограми, неговиот стил на игра се карактеризира со агилност и брзина атипична за толку крупен играч. “Скокачка машина” или пак “Големиот пингвин” како епитети ги доби со својата налик мирна но експлозивно ефикасна игра на двата краја на теренот. Во моментов влегува во најзрелата фаза на својота атлетска кариера.

Во досегашната професионална кариера, Драмонд има просек од речиси 14 скокови по натпревар, просек кој го рангира на 8-та позиција во историјата. “Дре” може да помогне во решавање на сите проблеми во рекетот на “езерџиите”, посебно сега кога за прв пат се наоѓа во победничка организација и победничка ситуација. Центарот родум од Њу Јорк, за прв пат ке игра во фаворит за шампионскиот пехар. Со неговото потпишување, “Лејкерси” имаат уште едно слободно место во ростерот. Ке биде интересно да се види кој ке биде нивно последно засилување по доведувањето на силиот центар.Драмонд годинава настапи на 25 натпревари за Кливленд Кавалирс. Имаше (стандарден) дабл-дабл учинок од скоро 18 поени и 14 скокови по натпревар. Тој е единствениот играч во историјата на NBA кој успеал во четири наврати да има повеќе од 1000 поени, 1000 скокови, 100 украдени топки и 100 блокади во една сезона.

NBA FAN

Димитар Младеновски