NBA колумна на Димитар Младеновски-“Министерот за одбрана” Елмор Смит

958

Елмор Смит е еден од најуникатните и најквалитетни играчи за кој (можеби) не сте слушнале.

Уште во средношколските денови (во родната Џорџија) во Белард Хадсон а потоа во универзитетот Кентаки Стејт, Смит го покажа својот неспорен потенцијал и голем талент. На драфтот во 1971 година, беше избран како висок трети пик од страна на Бафало Брејвс (тимот кој во иднина ќе стане Лос Анџелес Клиперс).

Смит во првите две професионални сезони со леснотија постигнуваше над 18 поени по натпревар, но она што ги воодушевуваше навивачите беше неговата неисцрпна енергија и силна одбрана. Во Септември 1973 година, Лос Анџелес Лејкерс беше решен да го доведе во своите редови и успеа во своите намери. Тимот од “градот на ангелите” останаа без својот колос, Вилт Чембрлен кој се повлече од активно играње кошарка. Смит пристигна и стана најдобриот блокер во лигата со неверојатни 4.9 блокови по меч. Како стартен центар во две сезони постигнуваше над 12 поени и 11 скокови по натпревар, комплетно менувајќи ја својата игра каде даде акцент на одбранбените задачи.

Во 1973 година, Смит на четири натпревари по ред имаше неверојатен дефанзивен учинок меѓу кој сруши два NBA рекорда. На 28-ми Октомври 1973 година, Смит изблокира 17 топки од кој 11 во првото полувреме – двата актуелни NBA рекорди. Со својот импресивен дефанзивен арсенал го привлече вниманието на кошаркарската јавност.

Во 1971 година, Милвоки Бакс стана NBA шампион во само третата сезона по вклучувањето во најсилната лига во Светот.
Предводени од легендарниот плејмејкер Оскар Робертсон и еден од најдобрите центри во историјата, (тогаш младиот) Лу Алсиндор, “елените” ја шокираа кошаркарската јавност со својата зрелост и пожртвуваност. Алсиндор ја смени религијата како и своето име. Стана познат како Карим Абдул-Џабар, најдобриот стрелец во историјата на NBA децении по неговото повлекување од активна игра.

По губењето на трофејот и несогласувањето со управата, следуваше време на промени. Робертсон се повлече во 1974 година а се почести беа информациите дека нивниот импресивен центар ќе го напушти клубот по истекувањето на актуелниот договор. Стана јасно дека Џабар е на излезна врата а тимот од Висконсин мораше брзо да реагира за да не остане со празни раце. “Лејкерси” имаа очајничка потреба од нов висок играч во рекетот. Пред стартот на сезоната 1975/1976, Милвоки и Лос Анџелес Лејкерс направија размена која со текот на годините направи драстична разлика во целата лига.

Карим Абдул Џабар стана нов центар на “езерџиите” а на спротивната страна замина Елмор Смит заедно со Џуниот Бриџмен, Дејв Мајерс и Брајан Винтерс. Знаејќи ја сериозноста на ситуацијата, “бакси” успеаа да доведат пакет кој беше предводен од дефанзивно импресивниот Смит кој во двете години кој ги помина во Милвоки го оправда епитетот на вистински силен одбранбен играч.

Во наредните три сезони, Смит беше прв центар на Кливленд Кавалирс.
И покрај неисцрпната енергија и работна навика која ја поседуваше на неговиот пат се исправи до тогаш непознат непријател – повредите.
Во две од трите години поминати во тимот од Охајо, Смит беше десеткуван од повреди на колената кој ја намалија неговата минутажа и го оддалечија од теренот, настапувајќи само на 40% од натпреварите.
Во 1980 година, на само триесет годишна возрaст е принуден да стави крај на својата професионална кариера.
Остана запаметен како еден од ретките кошаркари кој во тоа доба, успешно ја променил својата игра и лесно се адаптирал на поставените задачи.

По завршувањето на активното играње кошарка, Смит се ожени и доби три ќерки. Остана да живее во Кливленд каде отвори свој ресторан а подоцна и посебни продукти – сосови за скара “Елмор Смит Смоукхаус”.
Денес, неговите сосови се продаваат во салата на Кливленд Кавалирс а Смит сеуште со успех го води својот ресторан со помош на своето семејство.

NBA FAN
Димитар Младеновски