NBA-Лејкерси конечно почнаа со промени

500

Тимот на Лос Анџелес Лејкерс (конечно) направи конкретен потег за зајакнување на тимот.

Според информациите кој пристигнуваат од Калифорнија, Петрик Беверли е нов играч во “градот на ангелите”. 34-годишниот дефанзивен специјалист пристигнува од Јута а во спротивен правец заминуваат Телен Хортон-Такер и Стенли Џонсон. Во оваа размена нема да бидат вклучени идни драфт избори.

Беверли претставува плеј-дефанзивец кој е познат по својата агресивност и често е окарактеризиран како играч кој соиграчите го обожуваат а противниците не може да го поднесат. Интересно е што тој на драфтот во 2009-та година беше избран од страна на Лос Анџелес Лејкерс како 43-пик но, не доби шанса да покаже својот потенцијал.
Настапуваше за Грчки Олимпијакос пред да се приклучи на Хјустон Рокетс во 2013-та година. Во досегашната кариера има настапувано за Хјустон Рокетс, Лос Анџелес Клиперс и Минесота Тимбервулвс. Летово беше разменет во Јута Џез во трампата која Францускиот центар Руди Гоберт го испрати во Минеаполис. И покрај тоа,беше само прашање на време кога популарниот “Пет” ќе ја смени средината.

Во текот на преодниот рок, подолго време “лејкерси” се обидуваа да го разменат Расел Вестбрук и неговиот богат договор. Таа цел за сега се уште делува невозможна. Вестбрук и Беверли имаат небројани меѓусебни дуели во минатото и јавно изјавуваа дека не се поднесуваат. Ќе биде интересно да се видат во улога на соиграчи.

Ангажманот на Беверли е конечно поместување од пасивноста на управата, која беше видлива во последните 40-на дена и за очекување се уште конкретни промени. До сега ги ангажираа Лони Вокер, Хуан Тоскано Андерсон, Трој Браун и Демиен Џонс а навивачите воопшто не беа импресионирани од досегашните активности од “пазарот” на играчи.

NBA FAN
Димитар Младеновски