NBA колумна на Димитар Младеновски-Големата бела надеж Кит Ван-Хорн

1009

Кит Адам Ван-Хорн. Роден на 23-ти Октомври 1975 година во Флуертон (Калифорнија).

Уште во средношколските денови во “Дајмонд Бар”, младиот Кит ја презентира својата подвижност и прецизен шут од дистанца. Висок 208 цм. агилен, брз со специфично чувство за игра.
На универзитетско ниво претставувајќи ја Јута Јејтс, Ван-Хорн беше повеќекратно наградуван поради својата одлична игра и зрелоста која беше атипична за неговата возраст. Својата колеџ кариера ја заврши како најдобар стрелец во Западната конференција на NCAA лигата. Стана првиот играч во историјата кој во три наврати бил прогласуван за играч на годината (1995, 1996 и 1997 година). Неговиот дрес со број 44 е повлечен од употреба во негова чест.

По одличната претстава на универзитетско ниво, сосема очекувано беше избран како втор пик на драфтот 1997 година од страна на Филаделфија 76ерс и веднаш проследен во Њу Џерси Нетс.

Њу Џерси Нетс (1997-2002)

Уште во дебитантската сезона Ван-Хорн го покажа својот неспорен талент. Беше избран во најдобрата дебитантска петорка. Во ’98 и ’99 беше прв стрелец на тимот. Беше еден од клучните играчи во составот кој успеа во два наврати да се пласира во големото финале.
Во дресот на “Нетси” помина 5 сезони пред раководството на тимот да се реши за промени и го испрати во тимот кој го драфтуваше, Филаделфија 76ерс. На 6-ти Август 2002 година, Ван Хорн заедно со Тод МекКалог беше трејдуван кај “сиксерси” а на спротивна страна замина Дикембе Мутомбо.

Филаделфија 76ерс / Њу Јорк Никс / Милвоки Бакс (2002-2004)

Доаѓањето на Кит во Филаделфија значеше формирање на поентерски тандем со Ален Ајверсон што ги возбуди навивачите. Беше втор стрелец во составот со 16 поени по натпревар но, тимот не успеа да направи подлабок продор во плејофот.
Летото 2003-та беше испратен во Њу Јорк а во дресот на “Никси” се задржа само 47 натпревари пред повторно да биде трејдуван, овој пат во Милвоки Бакс.

Во тимот од Висконсин, Ван-Хорн се задржа година и половина. Неговата улога во нападот драстично се намали но, беше исклучително ценето неговото искуство и дисциплина која служеше за пример на помладите соиграчи.

Далас Маверикс (2004-2006)

Тимот на Милвоки беше приморан да се ослободи од Ван-Хорн бидејќи беше насочен да го задржи својот најдобар играч, Мајкл Ред на кого му се обнови договорот. Од тие причини, Ван-Хорн беше испратен во Далас. Во дресот на “Мавси” одигра 82 натпревари со скромен просек од 10 поени по меч и најмала минутажа во досегашниот тек на неговата кариера.

Најчесто влегуваше во игра од клупата за резерви и секогаш даваше полн придонес во тимот. Далас во 2006-та успеа да стигне во големото финале каде загуби од Мајами Хит. По завршувањето на финалната серија, објави дека ќе паузира една година со цел да помине повеќе време со своето семејство. Ретко кој можеше да помисли дека тоа се неговите последни играчки денови.

Интересен е неговиот случај. Иако не беше активен 2 години, Ван-Хорн не го објави своето пензионирање со што си овозможи нов договор во случај на размена на играчи. Тоа се случи на 19-ти Февруари 2008 година кога потпиша договор со Далас Маверикс и веднаш беше испратен во Њу Џерси, во пакет кој Џејсон Кид го врати во својот прв NBA тим.

Веднаш по оваа размена, Ван-Хорн беше ослободен од обврските. Сето ова значеше дека Кит Ван-Хорн заработи дополнителни 4.5 милиони долари без да стапне на паркетот. На (само) 30 годишна возраст става крај на професионалното играње кошарка.

РЕЗИМЕ

Кит Ван-Хорн имаше солидна NBA кариера. Според многумина неговиот потенцијал беше повисок од она што го презентираше на теренот. Одигра 9 NBA сезони и (ако се има в предвид дека никогаш не беше посериозно повреден) делува како во најсилната лига да се задржа прекраток времески период.

Стана првиот бел играч кога како дебитант се појави на насловната страница на престижниот “SLAM” магазин. Никогаш не беше “All-Star” играч иако беше важен дел од секој колектив во кој настапуваше. По завршувањето на кариерата активно влезе во светот на бизнисот.

Најпрво се пресели во Колорадо каде го основа клубот за риболов “Линколн Хилс”. Потоа основа фирма за недвижнини како и компанија за мобилни софтвери. Ван-Хорн исто така основа училиште за деца со посебни потреби. Сопственик е и на младински кошаркарски клуб во Денвер наречен “Колорадо Премиер” кој е еден од најголемите во САД. На годишно ниво во неговата кошаркарска академија учествуваат преку 1000 деца.

Можеби играчките денови завршија пребрзо но, Ван-Хорн со своите бизнис подвизи денес е повеќе од успешен а најважно од се е посреќен од било кога.

Благодарност до мојот пријател Благоја Филиповски и неговата сугестија за оваа колумна.

NBA FAN
Димитар Младеновски