NBA колумна на Димитар Младеновски-Скандалозната вечер на Дејвид Робинсон (ВИДЕО)

1483

Во историјата на кошарката, претставува редок случај некој играч да постигне 70 или повеќе поени на еден натпревар.
Исклучително интересен е случајот од сезоната 1993-1994 година. Поранешниот центар на Сан Антонио Спарс, Дејвид Робинсон во последниот меч од регуларниот дел од сезоната постигна 71 поен на гостувањето во Лос Анџелес, против “клиперси”.

Три декади по овој поенерски дострел на “Адмиралот”, во јавноста излегоа многу интересни информации за тој натпревар.
На 24-ти Април 1994 година (во последниот меч од сезоната) тогаш младиот Шекил О’Нил беше во блага предност пред поискусниот Робинсон, за признанието “најдобар стрелец на сезоната”. На инсистирање на Робинсон, соиграчите биле инструирани да го “хранат со топки”, во секој момент и по секоја цена.
Кога тренерскиот состав на “мамузите” разбрале дека “Шек” таа ноќ постигнал 32 поени, веднаш се обратиле на играчите давајќи им “наредба” дека капитенот “мора” да постигне минимум 37 поени на тој меч за да стане прв стрелец во првенството.

Тогашниот противник на Сан Антонио, тимот на “клиперси” имаа катастрофална сезона и покрај составот кој (во тоа време) беше повеќе од солиден. Легендарниот Доминик Вилкинс беше предводник на тимот, заедно со Рон Харпер и сјајниот плеј Марк Џексон. И покрај силниот ростер, тимот од “Ел-Еј” таа сезона не успеа да избори пласман во “плејоф-от” заокрожувајќи ја натпреварувачката сезона со ужасен скор (27-55).
Токму оваа ноќ, Робинсон ја имаше најефикасната партија во својот живот. Успеа да погоди 26 шутеви од 41 обид. Она што претставува вистински шок е податокот дека управата на Лос Анџелес Клиперс биле во директен договор со управата на гостите од Тексас, да дозволат Робинсон поентерски “да ги растури”!

“Пред почетокот на второто полувреме, нашиот тренер (Боб Вајс) ни кажа дека му е наредено од неговиот газда (сопственикот на тимот – контроверзниот Доналд Стерлин) да го оставиме Дејвид да поентира. Не молеше да не го спречуваме во својот обид да постигне нешто “специјално”, и дека за истото се информирани неговите тимски другари. Бев згрозен! Кога го прашав зошто ни дава такви инструкции, ми призна дека така било договорено од “големиот газда”! – кажува “Ник”, откривајќи ја скандалосната позадина на овој меч.

Овој натпревар беше последен на Доминик Вилкинс во дресот на “Клиперс”. Веќе следното првенство потпиша договор со друг тим (Бостон Селтилс).

Приказната ја потврдува и четирикратниот NBA шампион, Рон Харпер, кој исто така во тој момент го играше последниот меч во дресот на “клиперси”. Веќе следната сезона се приклучи на Чикаго Булс, каде достигна шампионски височини.

“Кога го слушнав тренерот што му кажува на “Ник”, најпрвин помислив е дека е некоја невкусна шега. Кога видов дека е сериозен, ги погледнав своите соиграчи, го одврзав завојот од зглобот, го соблеков дресот и си заминав во соблекувалната. Тоа што се случи таа ноќ беше повеќе од срамно!” – тврди “Холивуд Харп” кој никогаш не пропушта прилика до детал, да долови на колку срамни (и одвратни) моменти бил сведок во својата богата кариера.

Подеднакво интересен е и моментот по завршувањето на натпреварот и реакцијата на Рон Харпер. “Кога заврши натпреварот го видов Дејвид пред да си замине со тимскиот автобус. Викнав на цел глас! Се надевам дека ти вредеше она што го направи! Дали се гордееш? Ти си срам за NBA исто како и “големиот газда” кој владее тука. Никогаш повеќе не го почитував Робинсон” – завршува Харпер.

NBA FAN
Димитар Младеновски