Од синоќешните NBA натпревари го издвојуваме најинтересното.
Чикаго го пречека Њу Јорк во натпревар на кој регуларните 48 минути не беа доволни за да се реши победникот. По продолжението, “Никси” беа поуспешни со 128:120.
Џулиус Рендл беше најрасположен за игра и реализира “дабл-дабл” учинок составен од 31 поен и 13 скокови, а придодаде и 7 асистенции. Џејлен Брансон имаше одличен меч со 30 поени и 7 асистенции а Канадскиот репрезентативец Ар-Џеј Берет постигна 22 поени.
На спротивната страна, Демар Дерозан постигна 32 поени а Зек Лавин 25 поени што се покажа недоволно за домашен триумф.
Со новата победа која е петта по ред, тимот од “големото јаболко” се наоѓа на шестата позиција во Источната конференција со скор 15-13.
Торонто го пречека Сакраменто во натпревар кој беше решен во последните секунди.
Гостите од Калифорнија одиграа фуриозна последна четвртина и во исклучително интересен финиш триумфираа со 124:123. Фред Ван Влит (кој беше најефикасен на натпреварот со 39 поени) имаше шанса да го израмни резултатот но неговиот обид беше неуспешен.
Кај победникот, најпрецизен беше Диерон Фокс со 27 поени и 10 асистенции следен од Домантас Сабонис кој реализира импресивен “дабл-дабл” учинок од 21 поен и 20 скокови.
Со овој триумф, младиот тим на Сакраменто е седмопласиран тим на Западот со скор 15-12.
Мајами Хит гостуваше во Оклахома, без својот најдобар играч Џими Батлер.
Тајлер Хироу постигна 35 поени и го погоди победничкиот шут на 5 секунди пред крајот за гостински триумф од 110:108.
Шеј Гилгес-Александер (кој беше најпрецизен кај домаќините со 27 поени) имаше шанса да го израмни резултатот, но неговиот обид беше изблокиран од Кејлеб Мартин.
Кливленд гостуваше во Далас, на дуел со “мавси”.
“Коњаниците” уште еднаш докажаа дека сезонава ќе бидат незгоден противник за секој тим во лигата.
Одличната колективна игра донесе висока победа од 105:90.
Прв стрелец беше Донован Мичел со 34 поени и ја потврди одличната форма во која игра откако стигна во тимот од Охајо.
Кај домаќините, Лука Дончич постигна 30 поени што се покажа недоволно за зачувување на домашниот терен.
Со новата победа, Кливленд Кавалирс се третопласиран тим на Истокот со скор 18-11.
NBA FAN
Димитар Младеновски