Скопје се најде на 197 место на листата на најскапи градови за живот на странски работници, во конкуренција од 209 градови во светот. На првото место е Хонг Конг, втор најскап град за странски работници е Токио, а потоа следат Цирих, Сингапур и Сеул, покажуваат најновите истражувања на консултантската куќа „Мерцер“, а пренесе хрватски Пословни дневник.
Како основа за истражувањата на „Мерцер“ се земени трошоците за 200 ставки, вклучувајќи транспорт, облека, храна и забава, пијалоци, како и со споредба на цените, како на пример за билети за кино, трошоци за вода за пиење, трошоци за кафе, бензин, и млеко.
Од градовите во регионот на листата најскапи градови за живот на странски работници Тирана се најде на 172., Софија на 175., Белград на 181 место, а Букрешт на 176. позиција. Истражувањето покажало дека главниот град на Хрватска Загреб се наоѓа на 138. место, а Љубљана на 132. позиција.
Најскапи европски градови покрај Цирих се Берн на 10. место и Женева на 11. позиција. Воопшто, повеќето западноевропските градови се искачија високо на скалата по скапи трошоци за живот и наем на станови, а особено германските. Така Франкфурт се најде на 68. и Берлин на 71. место, со скок од 49 места во однос на минатата година. Минхен, пак, се наоѓа на 57. место, што е скок од 41 место во однос на лани.
Лондон има скок од 10 места на 19, позиција, Париз од 28. на 34 место, Рим се искачи за 34 места на 46. позиција, додека Виена е на 39. место, од минатогодишното 78.
Острата кинеска монетарна регулација, економијата во пораст и настојувањето кинескиот јуан да стане меѓународна валута, високо ги кренаа кинеските градови на оваа скала за скапи трошоци за странски работници, пренесува Пословни дневник. Најскап кинески град е Шангај на седмото место, а потоа Пекинг на осмата позиција.
Тел Авив на 16. место и понатаму е најскап град за странски работници на Блискиот исток, а следат Дубаи на 26., Абу Даби на 40., и Ријад на 45 позиција. Во САД пак, најскап град за живот е Њујорк, која иако падна за четири места во однос на лани, годинава се најде на 13. позиција. Следат Сан Франциско 28. и Лос Анџелес на 35. место.
Последното 209 место, или најевтин град за живот на странски работници го зазема Ташкент, главниот град на Узбекинстан, после Тунис и Бишкек, главниот град на Киргистан.