NBA-“Birdman” = еден од најуникатните ликови во историјата

1153

Кристофер Клаус Андерсен, роден на 7-ми Јули 1978 година во Лонг Бич, Калифорнија. Пораснат е во малата Ајола, Тексас. Андерсен потекнува од семејство на имигранти, од Данска. Во 1982 година (кога Андерсен имал четири години) неговото семејство се преселило во Тексас.

За време на средношколските години на Андерсен со неговите браќа и сестри бил испратен во групен дом во Далас. Таму се задржува три години. Во тој период, русокосото момче ги има своите спортски почетоци. И покрај добрите игри во средношколските денови, младиот Крис не успева да аплицира за голем колеџ поради лошите оцени па затоа завршува на помалку познатиот Блин универзитет. Таму го покажува својот огромен одраз и атлетски квалитети.

Решен да премине во професионалци а знаејќи дека шансите преку драфтот му се мали, се решава да отпатува во Кина и таму да ја започне професионалната кариера.

Почетоците на професионално ниво (2000-2004)

Во Јануари 2000 година, Андерсен слета во Џингасу (Кина) каде кратко настапуваше за тамошниот тим. Набрзо се врати во САД каде во Март 2000-та се приклучи на Њу Мексико Слем (во “Меѓународната лига”) пред да премине во Дакота Визардс каде одигра 7 натпревари.

Следната година (2001) младиот центар сезоната ја започна во Шугарлен Шаркс, пред да се префрли Фејтвил Петриотс (денешна NBA G-лига) каде конечно го покажува својот сјај. На 21-ви Декември 2001 година, Андерсен стана првиот кошаркар кој од “Џи” лигата потпишува за NBA тим.

Се приклучува во ростерот на Денвер Нагетс за сезоната 2001-2002. Неговите нови соиграчи, Џуниор Харингтон и Кени Сатерфилд го нарекуваат “Birdman” (“Човек птица”) поради неговиот огромен распон на рацете и склоноста кон воздушни акробации.

Во Колорадо, Андерсен поминува три години со лимитирана минутажа но, времето поминато на теренот е доволно за да ги покаже своите квалитети. Во потрага по сериозен – “загарантиран” договор ја менува средината. Заминува во таборот на “стршлените” од Луизијана.

This image has an empty alt attribute; its file name is NBA-Chris-Birdman-Andersen-01.jpg

Њу Орлеанс Хорнетс (2004-2006)

На 19 јули 2004 година, Андерсен пристигнува во Њу Орлеанс. На тимот му носи енергија, борба, атлетицизам и одбрана. Се појавува  на натпреварот во забивање (две години по ред) што ја крева неговата популарност иако немаше забележителен успех. Неговиот специфичен имиџ кој често го менуваше го направи интересен за публиката, посебно за помладите навивачи. Потоа следуваше шок.

На 25 Јануари 2006 година, Андерсен беше суспендиран од NBA  поради позитивен тест за забранета супстанцa. Според информациите кој излегоа во медиумите, супстанцата која била најдена во неговата крв не беше јавно обелоденета но, доволно сериозна за првите луѓе на лигата да размислат за можноста за негово доживотно исфрлање од NBA!

Иако “стршлените” и Андерсен поднесоа жалба, таа беше одбиена. Суспензијата беше остра а на “Birdman” му беше забранет настап на кошаркарските терени во наредните две години.  Во тој период, Андерсен се видоизмени. Ги промени навиките, присвои многу позитивности а и голем број на нови тетоважи па кога конечно се врати на теренот (откако заврши суспензијата) беше непрепознатлив.

На 5-ти Март 2008, се враќа во составот на Њу Орлеанс каде ги одигра последните 5 натпревари од тековното првенство (2007-2008). Потоа доаѓаат позитивни вести. На задоволство на многумина, Андерсен се враќа во добро позната средина.

Враќање во Денвер (2008–2012) 

На 24 Јули 2008 година, “летачкото момче” потпиша едногодишен договор со Денвер Нагетс. Во првата сезона откако се врати во Колорадо, Андерсен беше втор блокер во лигата иако играше (само) 20 минути по натпревар. По завршувањето на сезоната, раководството на тимот го награди со нов петгодишен договор.

Во периодот откако се врати во Денвер, Андерсен беше незаменлив дел во тимскиот нуклеус. Секогаш енергичен и спремен да ја заврши работата. Како што одминуваа годините стана по мудар а искуството си го направи своето. Многумина играчи кој настапувале со него тврдат дека Андерсен е еден од најголемите професионалци со кого играле заедно а неговото пријателство било на врвно ниво.

Кога управата на тимот реши да оди кон обновување на составот му овозможи на (тогаш 33 годишниот крилен ценатар) да одбере каде ќе ја продолжи кариерата. Андерсен се реши да замине во најголемиот фаворит за NBA тронот, тимот на Мајами Хит.

Мајами Хит (2013–2016)
Мемфис и Кливленд (2016-2017)

“Birdman” пристигнува на Флорида. Задоволството за неговиот ангажман јавно го истакна тренерот на тимот, Ерик Сполстра.

Приказната во Мајами започна со краток 10-дневен договор а заврши со 3 и пол годишна “служба” во која Андерсен дојде до NBA височините. Во тим исполнет со NBA легенди како Леброн Џејмс, Двејн Вејд, Крис Бош и останатите, Андерсен беше токму она што толку недостигаше во ростерот – силно и цврсто присутсво како на својот соиграч Јудонис Хаслем. Пружаше огромен придонес и беше еден од важните алки во тимот. Ја освојува NBA титулата во 2013 година.

This image has an empty alt attribute; its file name is NBA-Chris-Birdman-Andersen-02.jpg

Ја заокружува својата кариера со 32 натпревари во дресот на Мемфис Гризлис и Кливленд Кавалирс пред да стави крај на кариерата, на 38 годишна возраст. Многумина беа сигурни дека Андерсен ќе одиграше уште најмалку две сезони но тешката повреда на коленото го натера официјално да се повлече од активно играње.

РЕЗИМЕ  

Кога ќе се помисли на Крис Андерсен, прво на што навивачите се сеќаваат е неговиот уникатен имиџ. Тетоважите кои ги има во изобилство како и разните фризури се асоцијација за нашиот јунак. Неколку пати учествуваше и во кампањи на организацијата “PETA”, наречена “Ink not mink” за заштита на животните.

Неговата неисцрпна енергија, висок одраз и борбеноста беа главна одлика на неговата игра. Иако беше висок 208 цм. често се бореше со далеку повисоки и потешки противници од себе. Имајќи во предвид дека е недрафтуван а одигра 15 NBA сезони е успех сам по себе. Кариерата ја заврши како NBA шампион а потоа и како “BIG 3” шампион во баскет лигата (во 2018 година).

Едно е сигурно.
“Birdman” e еден од најуникатните ликови во кошаркарската историја.

NBA FAN
Димитар Младеновски