Една од најинтересните NBA приказни.
Играчот кој на многумина беше вистински миленик.
Несекојдневен, атрактивен, мулти талентиран и ексцентричен.
Следува осврт на кариерата на уникатниот Летрел Спривел.
Почетоците
Роден на 8-ми Септември 1970 година во Милвоки, уште од најрана возраст Латрел Фонтејн Спривел претставуваше момче кое се разликува од своите врсници.
Уште во средношколските денови, во “Вашингтон” го покажа својот неспорен талент. Потоа следуваа четири години на колеџ, најпрво на универзитетот “Три Риверс” а потоа на далеку попознатата “Алабама”.
Импресионираше со својата скочност, пожртвуваност и поентерска потентност. На драфтот 1992 година, во ултра силна конкуренција е избран како 24 пик од страна на Голден Стејт Вориорс.
Голден Стејт Вориорс (1992-1998)
Упте во својата прва професионална сезона, “Спри” покажа за каков талент станува збор.
Дебитираше со просечни 15.4 поени по натпревар но, веќе во наредната година се промовира во еден од офанзивно најсилните бекови-поентери во лигата.
Тимот од Калифорнија бележеше успех, Спривел од вечер во вечер беше се подобар. Три пати беше “All-Star” играч (1994, 1995 и 1997 година) а просечно постигнуваше над 25 поени по натпревар. Секоја сезона беше меѓу водечките стрелци во лигата како и по минутите кој ги поминува во игра. Важеше за неуморен работник но, и проблематичен карактер кој често знаеше да влезе во конфликт со противниците, судиите а не ретко и со соиграчите.
Првиот по сериозен инцидент се случи во 1993-та година кога се судри со соиграчот Брајон Хјустон на еден од тренинзите.
Две години подоцна, дојде до физичка пресметка со новодојдениот крилен центар Џером Керси. По пресметката Спривел (наводно) се вратил во салата со пиштол, и бил спремен да го искористи.
Неговиот темперамент секогаш беше нешто кое ретко кој тренер може да го контролира, а тоа најмногу дојде на виделина кога тимот го превзема искусниот Пи-Џеј Карлисимо.
Сезоната 1997-1998, “воините” долго ќе ја паметат. Ја започнаа со 9 порази едно по друго а победија само еднаш во првите 15 натпревари. Се почесто во медиумите излегуваа статии како лидерот на тимот и тренерот не наоѓаат “заеднички јазик”.
Несогласувањата со тренерот Пи-Џеј Карлисимо ескалираа до толку невидени размери што Спривел при еден тренинг требаше да биде раздвојуван од соиграчите откако го напдна својот тренер. Следуваше сериозна санкција од страна на NBA, која го казни со забрана за настап до крајот на сезоната ’97-’98-ма, по што следуваа тешки моменти за експлозивниот бек.
Њу Јорк Никс (1999-2003)
По суспензијата следуваше “NBA lock out”-от, поради кој сезоната ’98-’99 започна подоцна и во скратен формат.
Добра вест беше што Спривел се врати на теренот во ново “руво.” Њу Јорк Никс успеа да го ангажира проблематичниот бек а за него го даде миленикот на публиката Џон Старкс, шутерот Крис Милс и ветеранот Тери Камингс. Она што следуваше беше вистинска бајка.
Спривел игра сезона за паметење, се враќа во врвна форма и го носи 8-пласираниот Њу Јорк до финалето на NBA, каде (за жал) губат од Сан Антонио Спарс со 4-1. Ваквиот подвиг на “Никси” е прв и единствен случај до денес.
Станува вистински миленик на навивачите во “големот јаболко” и голем пријател со соиграчите Петрик Јуинг, Алан Хјустон, Лери Џонсон и новодојдениот Маркус Кемби.
“Спри” повторно стана “Аll-Star” играч, и повторно ги тероризираше противниците на двата краја од теренот. Следуваат три сезони во кој “Никси” се “play-off” тим но, не и фаворити за освојување на толку посакуваната титула. Следуваа тектонски пореметување во ростерот.
Најпрво се лучи разментата на тимската легенда, Петрик Јуинг а потоа дојдоа и тешките повреди на неговите големи пријатели Алан Хјустон и Лери Џонсон.
Следуваше трампа на Маркус Кемби при што “Спри” не само што остана без својот добар другар, туку и без поентерска помош во нападот.
Летото 2003-та година, дојде крај на неговиот престој во “Медисон Сквер Гарден”.
Минесота Тимбервулвс (2003-2005)
По комплексна трампа, Спривел пристигнува во Минеаполис. Се приклучува на еден од најдобрите играчи во лигата, (подеднакво темпераментниот) Кевин Гарнет со кој веднаш формираат големо пријателство. Во нападот како партнер го има ветеранот Сем Кесел, со кој одлично соработува. Во составот Минесота го имаше и “All-Star” крилото Воли Шчербијак како и прекалени ветерани како Трој Хадсон, Ирвин Џонсон, Гери Трент итн.
Во овие години, “волците” беа на чекор до големото финале со одлични сезони во кој им недостигаше само малку среќа за да стигнат до толку посакуваната цел, шампионскиот трофеј. Овој период остана запишан со златни букви во тимската историја бидејќи до тогаш (а и од тогаш наваму) Минесота никогаш немала толку сериозен успех и длабок продор во доигрувањето. Спривел играше одлично и покрај тоа што не беше главна фигура во нападот.
Освен повремени мали инциденти, немаше некој поголеми проблеми. Сите беа убедени дека “Спри” сега е стабилен, искусен и дека научил од своето минато. Кога неговиот договор заврши, следуваше ново непријатно изненадување.
Му беше понуден нов три годишен договор вреден 21 милион долари, по што тој експресно го одби со давање на легендарна изјава дека има “деца кој треба да ги храни”. По оваа понуда, вратата во Минеаполис му беше затворена.
Откако за тоа дознаа останатите NBA тимови, ретко кој беше спремен да му даде сериозна шанса. Цела година е надвор од терените а потоа (неочекувано) стигнуваат понуди од Денвер, Кливленд и Хјустон, кој за жал завршуваат безуспешно.
За тоа колку сериозно експертите веруваа во атлетицизмот, енергијата и непроценливото искуство на Спривел, доволно говори податокот дека на негова 36 годишна возраст и две години апстиненција од активно играње кошарка доби понуда од фаворити за освојување на титулата како Далас и Сан Антонио.
За жал, преговорите завршија неуспешно и “Спри” стави крај на неговата богата и (на моменти) турбулента NBA кариера.
РЕЗИМЕ
За многумина, Спривел во многу сегменти беше сличен со легендарниот Мајкл Џордан. Поседуваше брзина, агресивност, атлетицизам и поентерски потенцијал како ретко кој друг. Често се потпираше на одличниот шут од дистанца а повеќе од една деценија важеш за еден од атлетски најспремните “двојки” во NBA.
Колку што имаше успех на теренот, толку “Спри” имаше проблеми надвор од него. Многу пати по завршувањето на професионалното играње на кошарка се судри со законот, од кој до денес влече последици.
За кoшаркарските експерти тој претставува еден од најексплозивните играчи кој беа на теренот во периодот на ’90-тите и почетокот на 2000-те. Подеднакво опасен во нападот и во обраната. Агресивен, енергичен и контроверзен. Има многу сегменти од неговата кариера која го прави несекојдневен, уникатен и оригинален лик.
Често поради својот темперамент сносеше тешки последици.
Едно е сигурно, “Спри” беше уникатен и како таков ќе остане во сеќавање на кошаркарските сладокусци.
NBA FAN
Димитар Младеновски