Миовски: Ќе „изгинам“ за МТК, само да се приклучам кон националниот тим

718

Годината која ја испраќаме донесе многу сатисфакција за македонскиот репрезентативен фудбал. Сениорската репрезентација се пласира на Европско првенство, одлични квалификации одиграа и фудбалерите на У21 репрезентацијата, а се поголем е бројот на фудбалери кои добија голема афирмација. Елмас веќе не е надеж, Влатко Стојановски цела година е во стожерот на репрезентацијата, веројатно брзо ќе дојде времето на Чурлинов, Миовски, Атанасов.

Скоро сите пронајдоа систематизација во странски клубови, некои играат повеќе, некои помалку, но најважно е што сите даваат максимум кога играат за националниот тим. Еден од оние кој имаше импресивен импакт на новата средина е Бојан Миовски. Младиот штипјанец ја валоризираше добрата сезона во Ренова со трансфер во МТК, во Унгарија, а шест месеци подоцна се покажа дека добро избрал.

21-годишниот Миовски е меѓу најдобрите стрелци во лигата, а во МТК има место во шпицот на нападот и скоро секој викенд одговара со голови на довербата.

По неполна полусезона како си задоволен од твојот избор да преминеш во МТК и Унгарија?

„Презадоволен сум од изборот на клубот и средината во која дојдов. Иако имав повеќе понуди, по директниот видео разговор со спортскиот директор на МТК Будимпешта, Балаш Полиак и тренерот Михаел Борис се решивме за МТК. Пресудија големото име и условите на МТК, но и нивната проценка дека ќе ми биде пружена шанса да се наметнам на позиција во централниот дел на нападот“.

Колку унгарската лига ти легна? Многу наши фудбалери и во минатото добро играа во ова национално првенство?

„Унгарската лига е посилна од нашата, со многу подобри услови за напредок во секој поглед. Професионализмот, инфраструктурата, организацијата, популарноста се на далеку повисоко ниво отколку во Македонија, па нивната лига и фудбал напредуваат со брзи чекори. Иако јас фудбал научив кај нас, за што сум им благодарен пред се на тренерите во мојот матичен клуб Мал Ајакс и Брегалница, но и останатите кои помогнаа во мојот развој (Бујар Ислами во Ренова), мислам дека во Македонија го достигнав лимитот, па така доаѓањето во МТК е логичен чекор за развој на мојата кариера. Тоа веќе го потврди и искуството на нашите фудбалери кои овде играа (Барди) или играат во моментов (Николов, Муслиу, Ристевски, Ивановски…)“.

Уште во Ренова и У21 репрезентацијата видливо беше дека можеш да играш на повеќе позиции во нападот. На кое место се чувствуваш најдобро?

„Моето место е во централниот дел на нападот или евентуално како втор напаѓач. Можам да одиграм и на офанзивна позиција во линијата за врска, вршам и дефанзивни задачи доколку на тимот му е неопходно, но дефинитивно најмногу ми лежи позицијата центарфор. Оттаму и мојата голема благодарност на клубот МТК и на тренерот Михаел Борис, кој имаше доверба да ми ја додели таа позиција“.

Ретко кој македонски фудбалер имал ваков импакт на новата средина. Очекуваше ли дека вака ќе се наметнеш?

„Малку е познато дека на почетокот на подготовките со МТК заработив незгодна повреда, која ме оддалечи од тимот 40 дена, со што го пропуштив подготвителниот период и четири кола во шампионатот. Но, добив голема поддршка од стручниот штаб, медицинскиот тим и соиграчите. Успеав да ја надминам повредата и да го ефектуирам мојот труд и трудот на моите соиграчи, со голови и асистенции. Тоа,заедно со атмосферата во клубот и околу клубот, а посебно неговите навивачи кои одлично ме прифатија, ме прави задоволен. Среќен сум во МТК и затоа не размислувам на било што друго освен на успех на тимот и клубот и борба за излез во европските клупски натпреварувања“.

Што ти донесе како искуство настапот за У21 репрезентацијата и размислуваш ли за настап во сениорската репрезентација?

„Неповторливо е чувството е да играш за својата татковина, химна, навивачи. Иако прилично доцна се приклучив на У21 репрезентацијата, која имаше одлична селекција на играчи, одличен стручен штаб и веќе беше „легната“, благодарение на играчите и тренерите се чувствував како да сум подолго време со нив. Се здобив со неопходната самодоверба и во натпреварите го дадов најдоброто од себе. Што се однесува до А репрезентацијата, херојски подвиг на играчите и стручниот штаб е пласманот на Европското првенство. Безпредметно е прашањето дали во иднина би сакал да бидам дел на овој тим. Koj не би сакал да игра со играчи кои испишаа историја на македонскиот фудбал. Тоа е и огромен мотив за мене да „изгинам“ на наредните тренинзи и натпревари, за да го достигнам потребното ниво за приклучување кон овој состав, кога и тоа да се случи“.

Повеќе од половина година има Миовски да се наметна и можеби во 2021 година ќе направи уште еден скок и ќе дојде до националниот тим и уште поголем клуб.