Микроскопски живот на Венера? Еве што треба да знаете за големото откритие

594

Венера, ѕвездата Вечерница, можеби убаво светка на ноќното небо, но одблизу е негостопримлива колку што би се очекувало од каменита планета, со дождови од сулфурна киселина, задушлива атмосфера од СО2, и атмосферски притисок 100 пати поголем од Земјиниот.

Според нашите сфаќања за Земјиниот живот, Венера би била една од последните места каде што би барале живи суштества. Но меѓународен тим на научници забележа нешто што би можело – би можело – да биде знак на живот.Ултравиолетова лажна слика од Венера, изработена од Атацуки (тим на проектот ПЛАНЕТ-Ц).

Од друга страна, би можело да биде знак на абиотски хемиски процес кој сеуште не ни е познат. Или можеби на Венера има некој неразбран геолошки процес. Како и да е, откритието носи неверојатно поучно искуство.

Високо во густите облаци, каде што условите се поумерени и поблаги (но не и понеотровни) од површината, истражувачите имаат забележано траги од гасот фосфин, соединение кое на Земјата се произведува и биотски и абиотски.

Според истражувачите, не е веројатно абиотските процеси кои ни се познати да го имаат произведено количеството на фосфин – околу 20 делови во милијарда – кое се наоѓа во Венерините облаци.

Тимот го забележа единствениот спектрален потпис на фосфин користејќи два различни инструмента во различни времиња – телескопот Џејмс Клерк Максвел во 2017 и Атакамската голема милиметарска/подмилиметарска низа во 2019.

„Искрено, бев вџашен,“ рече Џејн Гривс при Универзитетот во Кардиф, астробиолог и главен автор на истражувањето, за ScienceAlert.

„Тоа количество предлага дека некакви организми – ако работат како на Земјата – би можеле да бидат доволен извор. Би можеле да бидат на 10 проценти од најголемата ефикасност за произведување фосфин која ја постигнуваат на Земјата, и сепак би ги произвеле количините кои можеме да ги видиме на Венера.

Забележувањето е дотолку поинтересно заради Венерините кисели облаци, кои би требало брзо да го уништат фосфинот. Двете забележувања на растојание од две години наведуваат на тоа дека има нешто што постојано го произведува соединението.

Следниот чекор во истражувањето е исцрпно да се изучат други процеси кои би можеле да произведат фосфин.

На Сатурн и Јупитер, фосфинот – кој се формира од еден фосфорен и три водородни атоми – е забележан во значителни количества; тој ја формира жешката внатрешност под голем притисок на црвените џинови, и излегува на површината преку конвекција.

Но и покрај температурата и притисокот на површината, научниците не мислат дека Венера може да ги произведе условите за формација на фосфин кои ги имаат месните гасовити џинови.

Други процеси, како гром кој би удрил место кое содржи фосфор, или метеорити кои содржат фосфор, би можеле да произведат фосфин во атмосферата, но тимот ги отфрли и овие механизми – истите едноставно не се доволно застапени на Венера за да можат да произведат 20 делови на милијарда од фосфин.

На Земјата, фосфинот се наоѓа во изобилство во анаеробични (со малку кислород) екосистеми. Се наоѓа во мочуришта и тињи, одлични места за анаеробични организми. Се наоѓа во црева, и во прдежите. Некако, анаеробичните микроорганизми произведуваат фосфин. А облаците на Венера се анаеробични.

Пред еден месец, тим од научници – од кои некои беа дел и од ова ново откритие – ја истражија можноста за трајно лебдечко мноштво на анаеробични микроби во облаците на Венера, токму во умерената зона во која Гривс и нејзиниот тим го најдоа фосфинот, и истата ја најдоа уверлива, така што е разбирливо дека ова откритие е незанемарливо.

Но присуство на живот ни одблиску не е единственото објаснување. Еден процес за произведување на фосфин на Земјата е вулканска активност. И иако тимот го отпиша ова објаснување, наоѓајќи дека вулканската активност е недоволна и цитирајќи труд од 2015, истражувања од порано предлагаат дека Венера би можела да има поголема вулканска активност од претходните проценки.

„На Земјата имаме фосфински гас кој доаѓа од вулкански извори,“ изјави планетарниот научник Хелен Мејнард-Кејсли од Австралиската организација за нуклеарни науки и технологии за ScienceAlert. Мејнард-Кејсли не беше дел од истражувањето.

„Ова е отпишано во истражувањето, бидејќи тие мислат дека забележаното количество на фосфин не би можело да биде поддржано само од вулкани. Ова ме изненадува бидејќи има многу докази за вулканска активност на Венера, многу поголема од Земјината, а и воглавно многу помалку знаеме од што е направена површината на Венера.

Тимот на Гривс исто така назначува дека би можел да постои непознат хемиски процес кој го создава фосфинот на Венера. Со оглед на тоа колкав предизвик е планетата да се изучува одблизу – Венера има испржено повеќе од едно летало, од кои ниедно нема потраено повеќе од неколку часови – не ја разбираме површината доволно, така што непозната хемија или геологија е добра можност.

„Би можело да значи цела мрежа од реакции кои ги немаме видено претходно, или на пример изобилство на минерали кои содржат фосфор кое е поразлично од она на Земјата – рече Гривс.

Што и да го произведува фосфинскиот потпис во атмосферата на Венера, ќе научиме нешто ново од одговорот што ќе го најдеме – било хемија, фосфор и процесите кои создаваат фосфин… или нешто за издржливоста на животот.

„Многу од биолошките истражувања надвор од Земјата се центрирани околу наоѓање место каде што Земјината биологија, или нешто слично на неа, би можело да преживее. Затоа се мисли дека Јупитеровите месечини Европа и Ганимед се потенцијални места за биолошка активност, бидејќи се мисли дека истите имаат океани под нивните замрзнати површини кои би биле богати со минерали и заштитени од суровото вселенско време, слично на нашите океани,“ рече Мејнард-Кејсли.

„Ако најдеме докази за присуство на биолошки процеси на место каде што ништо Земјино не би можело да преживее, тогаш тоа навистина ни покажува дека мноштво биолошки активности би можеле да се случуваат низ целиот Сончев систем.“

Сепак, полесно е да се кажат следните чекори за решавање на оваа мистерија отколку истите да се спроведат. Можеме да извршиме повеќе набљудувања со помош на моќни телескопи. Но можеби ќе ни требаат поблиски набљудувања, или од орбитер, од кои само еден, Акацуки на JAXA, е во употреба, или – многу потешко – сонда.

Има неколку предложени мисии за Венера, но обично поминува долго време меѓу предлогот и неговото исполнување.

Во меѓувреме, можностите би можеле да се намалат со моделирање и експерименти.

„Многу е тешко да се докаже негација. Сега астрономите ќе размислуваат за начини на кои фосфинот би можел да постои без живот, што е добредојдено,“ рече молекуларниот астрофизичар Клара Суса-Силва од МИТ.

„Ве молиме размислете, бидејќи ни снемуваат можности да покажеме абиотски процеси кои можат да создадат фосфин.