ЈА УВЕРИВ ЗАХАРИЕВА ДЕКА СМЕ РЕШЕНИ ДА ГО ИМПЛЕМЕНТИРАМЕ ДОГОВОРОТ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО, РЕЧЕ БУЧКОВСКИ ПО СРЕДБАТА ВО СОФИЈА

560

Специјалниот претставник за Бугарија Владо Бучковски, после денешната средба во Софија со бугарската министерска за надворешни работи Екатерина Захариева кажа дека имаше конструктивен состанок и пријателски разговори. Бучковски кажа дека денешната средба е чекор за враќање на изгубената доверба и дека ја уверил Захариева оти земјава е решена да го имплементира Договорот за пријателство од 2017.

„Уверени сме дека ја убедивме министерката Захариева оти сме решителни да го имплементираме Договорот за пријателство. Признаваме дека е нарушена довербата. Јас го изразувам задоволство што Бугарија моето назначување како специјален претставник го смета како дополнител напор да ја вратиме изгубена доверба. Се согласивме дека е време да се фалиме за сработеното со дела, а не со празни зборови. Заедничката историја не можеме да ја промениме ниту јас, ниту Захариева, но можеме да ги промениме работите во делот на инфраструктурата, заедничките капитални проекти, во образовнаието, културата и тоа ќе го правиме“, рече Бучковски на прес-конференција по средбата со Захариева.

Министерката Захариева кажа дека тоа што Бугарија не ја одобри преговарачката рамка  за пристапните преговори на Македонија со ЕУ неправилно се нарекува вето.

„Нема сомнение дека се наоѓаме во деликатен период. И двете стани имаме разочарување дека не беше одобрена проговарачката рамка. Тоа е така не затоа што Бугарија ставила вето на Македонија, туку затоа што не е исполнет Договорот за пријателство од 2017, за што ги алармиравме нашите соседи. Антибугарската кампања, тезите дека сме ставиле ветото или дека го оспоруваме правото на самоопределување не се точни и не помагаат за градење доверба меѓу двата народи“, рече Захариева.

Бучковски во Софија ќе има средби и со претседателот Румен Радев, премиерот Бојко Борисов и со вицепремиерот Красимир Каракачанов.

Македонската влада вчера кажа дека Бугарија направи неодговорна стратешка грешка со ветото кое го стави за почеток на преговорите со ЕУ, откако Советот на министрите на земјите-членки на ЕУ не постигна согласност за преговарачката рамка која ја одобрија сите останати 26 земји членки на Унијата. Владата констатира дека со ветото за Македонија е запрен прцесот на проширување како стратешка цел на ЕУ, иако во март Советот даде едногласно зелено светло за почеток на преговори и сите земји, вклучително и Бугарија се согласија со тоа.

Од Владата уверуваат дека „македонскиот национален идентитет не беше, не е и невозможно е да биде предмет на преговори“ и дека „македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на македонскиот идентитет“.