Бостон Селтикси славеа на гости протиц Голден Стејт Вориорс во првиот меч од финалната серија.
Голден Стејт одлично го отвори. Стеф Кари постигна 6 тројки и 21 поен во првата четвртина што претставува рекорд во финалната серија. Фуриозниот напад на домаќините донесе водство а пред почетокот на последната четвртина имаа +12 (92:80). Тогаш “селтикси” покажаа дека едноставно не постои тим против кои тие може да се чувствуваат како аутсајдери. Како што се наближуваше крајот на мечот работите се менуваа, па гостите од Масачусец направија пресврт и славеа убедлив триумф (120:108) за водство од 1:0.
Ветеранот Ал Хорфорд и Дерик Уајт го режираа пресвртот во последната четвртина. Хорфорд уфрли 26, а Уајт 21 поен. Доминиканскиот центар – Ал Хорфорд (кој досега беше рекордер со 141 одигран меч во плејофот без пласман во финале) беше одличен во шутото од далечина и постигна шест тројки, најмногу во историјата на финалните средби од еден дебитант. Воедно, 36-годишниот Хорфорд се израмни со Крис Пол како највозрасен дебитант што постигнал најмалку 25 поени на својот прв финален меч во кариерата.
Голем допринос даде и Џејлен Браун со 24 поени, додека Џејсон Тејтум уфрли скромни 12 поени, но имаше 13 асистенции. На другата страна Стеф Кари постигна 34 поени, Ендрју Вигинс 20, а Клеј Томпсон 15 поени.
Традицијата вели дека екипите кои го добиле првиот меч во финалната серија, на крајот се закитиле со титулата на 70,7% од финалните пресметки.
NBA FAN
Димитар Младеновски