Европејците тоа го можат, но во Македонија е научна фантастика да се купи стан во готово со штедење само од плата

158

Да се купи стан во готово со штедење само од плата во Македонија е научна фантастика. Европејците тоа го можат, иако кај нив цената на станбениот квадрат е неколкукратно повисока. Но, кај нас работите стојат сосема поинаку.

Математиката базирана на официјални бројки од Државниот завод за статистика (ДЗС) покажува дека тукушто венчан млад брачен пар ќе има дете пред полнолетство кога ќе ги собере потребните пари за стан од 70-ина квадрати, под услов да има една плата од која ќе може да јаде, да пие, да плаќа сметки и да ги задоволува другите потреби и уште една во висина на републичката просечна, која ќе ја става на страна. Или, за да си купи стан од 70 квадрати во Скопје, едната плата во висина на просечната не треба да ја чепка цели 17 години.

Просечната цена на квадратен метар станбена површина во Скопје заедно со другите давачки надминува 1.000 евра. На жителите од другите градови во државата им е нешто полесно, зашто според ДЗС таму просечната цена на квадратот е околу 600 – 700 евра, па тие од една просечна републичка нето плата, без да се заглавуваат во банка, стан можат да си купат горе-долу за 12 години.
За да се купи стан во готово има и други опции, на пример продажба на друга куќа или стан, нива, наследство. Најчесто стан се купува на креди. Сепак, судејќи според тоа дека на градежниците една третина од становите што ги изградиле им стојат непродадени, недвижнини се купуваат се помалку, а главна причина е цената, за која граѓаните сметаат дека е пренапумпана, особено во Скопје.

Што би кажале на ова лондончани, или жителите на престолнините на развиените европски држави? Според студијата на Дилојт, што ја објавија светските медиуми и портали, квадрат стан во центарот на Лондон чини 10.000 евра, што е десет пати повеќе отколку во Скопје. Според таа студија која потенцира растечка нехомогеноост на пазарот на недвижнини, Лондон и Париз остануваат градови со најскапи недвижности. Во строгиот центар на Париз е поевтино отколку во Лондон и таму станбениот квадрат се нуди за 8.300 евра. Просечните цени во пошироката околина на Лондон се спуштаат и до 6.000 евра, а до 5.500 евра во околината на Париз. Во Германија најскап е квадратот во Минхен и чини 5.000 евра, следуваат Москва, Милано, Рим, Лион и Марсеј со просечни 4.000 евра за станбен квадрат.

Студијата на Дилојт дава и друга слика на состојбите со недвижнините и можноста да се купат, а гледано преку неа, наведените суми не се толку вртоглави. Споредено со животниот стандард што го имаат, на жителите на тие земји им е потребно многу помалку да штедат за стан отколку Македонците. Најтешко до стан се стигнува во Русија, каде се потребни 10 просечни нето плати, потоа во Франција каде стан се купува со 9,4 плати годишни плати, а следуваат Велика Британија и Италија. Најлесно е во Данска, каде истиот стан може да се купи со нешто повеќе од двегодишна заработка. Според неодамнешната анализа на најголемата светска база за квалитетот на животот “Нумбео”, за стан од 90 квадрати Германците треба да штедат само пет години, а рекордери се Грузијците на кои им треба повеќе од половина животен век, или точно 40 години.

Ако се споредуваме со Балканците, сите сме тука некаде. Најблиску ни се српските семејства кои за да си купат стан една плата треба да штедат само неколку месеци подолго од нас. Според пишувањето на порталот “Каматица”, последниве неколку години цената на станбениот квадрат во Србија паднала за цели 40%. Сега становите во Белград имаат цена што се движи од 900 до 3.500 ева и во просек изнесува околу 1.400 евра. Во Бугарија квадратот во просек чини 1.305 евра и тоа е најниската цена во целата Европска унија, додека во Загреб се регистрирани рекордни 1.700 евра. Според податоците на агенцијата “Анадолија”, на Балканот најевтини се становите во Сараево и Подгорица, каде цените се слични на нашите, 1.020 и 1.000 евра во просек.