Рано утрово се случи долгоочекуваниот реванш за титулите во тешка категорија помеѓу актуелниот шампион, Александар Усик и поранешниот шампион Ентони Џошуа.
По 11 месеци од нивниот прв дуел во Лондон, реваншот кој се одржа во Саудиска Арабија ги оправда очекувањата. По 12-те рунди, дојде до поделена одлука од страна на судиите со која Усик ги задржа шампионските појаси. По импресивното издание на почетокот од борбата украинскиот боксер ги задржа титулите во ИБФ, ВБА и ВБО тешка категорија.
Екстра возбудливи беа 10-та и 11-та рунда во кој двата боксери се менуваа во предноста односно, подеднакво силно враќаа “удар за удар”. И покрај неспорниот интелигентен пристап на “Еј-Џеј”, Усик со својата вештина и агресивност успеа по втор пат да го детронизира поранешниот апсолутен светски шампион со (116-112, 115-113, и 113-115).
По прогласувањето на победникот, Усик пролеа солзи покрај националното Украинско знаме, придружувајќи се на отпорот против Руската инвазија.
Во првата изјава по дуелот, Усик го предизвика (штотуку пензионираниот непоразен шампион) Тајсон Фјури да се врати во рингот и да се соочат меѓусебно.
Димитар Младеновски