Бокс корнер со Димитар Младеновски-Една од највозбудливите борби до сега

355

Рано сабајлево, бевме сведоци на една од највозбудливите борби до сега. Тајсон Фјури дојде до својата втора последователна победа во третиот дуел со Дионтеј Вајлдер.

ВБЦ појасот во тешка категорија остана во посед на британецот. Ваквиот краен резултат дојде по неверојатен пресврт и нокаут завршница во 11-тата рунда. По енергичниот старт на дуелот, Фјури го испрати Вајлдер на подот веќе во втората рунда. Американецот експресно се врати и веќе во четвртата рунда на два пати со иста мера го возврати ударот. Фјури се најде два пати на подот во овој дел од епскиот судир. Сепак, успеа да се извлече.

Како што одминуваше борбата, Тајсон Фјури беше се поубедлив и посамоуверен. Осмата рунда беше една од неговите најдоминантни претстави во кариерата и единствено цврстината на Вајлдер успеа да го спаси од пораз, барем за кратко. 11-тата рунда беше кобна за “бронзениот бомбардер”.

Тајсон Фјури стигна до својот 31 триумф во професионалната кариера, а има и еден нерешен меч во првиот дуел против синоќешниот противник. За Дионтеј Вајлдер ова е втор пораз по ред. Во кариерата има 42 победи и едно реми.

Димитар Младеновски