Астрономите открија вселенски „автопати“ за брзо патување низ сончевиот систем

193

Невидливи структури создадени од гравитационите содејства во сончевиот систем создале мрежен „вселенски автопат“, открија астрономите. Ова откритие ќе придонесе вселенските летала многу побрзо да се движат низ вселената.

Добра вест: астрономите велат дека откриле „небесен автопат“ од невидливи содејства што ги придвижуваат објектите – и може да го забрзаат истражувањето на вселената, пренесува Саенс алерт.

Овие канали овозможуваат брзо патување на објектите низ вселената и може да се искористат за наше истражување на вселената, како и за проучување на кометите и астероидите.

Преку овие рути, кометите и астероидите го поминуваат растојанието од Јупитер до Нептун за помалку од една деценија и минуваат неверојатни 100 астрономски единици за помалку од еден век.

Една астрономска единица е приближно растојанието од Земјата до Сонцето и изнесува околу 150 милиони километри. Растојанието помеѓу Јупитер и Нептун е скоро 25 астрономски единици.

Научниците велат дека оваа мрежа може да се искористи за релативно брзо испраќање вселенски летала до далечните делови на нашиот сончев систем и за набљудување и разбирање на блиските објекти што минуваат покрај Земјата, кои може да се судрат со нашата планета.

Анализирајќи и опсервациски и симулациски податоци, тим истражувачи предводени од Наташа Тодоровиќ од Белградската астрономска опсерваторија во Србија откриле дека овие суперавтопати се состојат од серии од поврзани лакови во рамките на овие невидливи структури, наречени вселенски манифолди, а секоја планета создава свои сопствени манифолди, што заедно го креира она што истражувачите го нарекоа „вистинска небесна магистрала“.

Тимот ја посматрал динамичката структура на рутите што сочинуваат поврзана низа лакови во рамките на таканаречените вселенски приклучни патеки, кои се протегаат од астероидниот појас до Уран и пошироко.

Новото истражување зависи од „манифолдите“ или гравитационите региони што постојат помеѓу орбиталните тела, како што се планетата и сонцето. НАСА веќе ги користи за придвижување на вселенските летала, но сега се чини дека манифолдите имаат „неочекувана орнаментална структура“ што им овозможува на објектите да добиваат дополнителна брзина. Структурата наводно им помага на кометите да отпатуваат од Јупитер до Нептун за само една деценија, многу побрзо од стотиците илјади или милиони години вообичаени за динамиката на сончевиот систем.

Највпечатливите лачни структури се поврзани со силните гравитациони сили на Јупитер – кои може да испраќаат предмети до Уран и Нептун за во просек 38 или 46 години, според еден од моделите што се користат во истражувањето. „Не треба да изненадува тоа што Јупитер може да предизвика преминување големи далечини на временска скала од неколку децении, бидејќи и досегашните вселенски мисии беа специјално дизајнирани за транспорт со помош на Јупитер, а најдобар пример за тоа се прелетувањата на Војаџер 1 и Војаџер 2“, велат авторите. „Сепак, нивното широко распространето влијание врз природните небесни тела е главно потценето и неистражено.“

Тие велат дека понатамошните истражувања можат да „дадат подлабок увид“ во „прелетувањето“ низ Сончевиот систем.