„Ристовски го дава срцето за Вардар, Кизиќ е дијамант! Јас сум им и тренер, татко и брат!“

62

Секој деликатес има тајна состојка и секој голем потфат има херои од сенка, без кои приказната би имала поинаков развој. И холивудското сценарио на РК Вардар од пролетта 2019 година има таков уникатен лик, човек кој претставува неуморен генератор на инспирација за сите чувари на црвено-црниот гол во последниве две и ситно години. Дејан Периќ, полека, но сигурно се движи кон остварување, кое изгледаше невозможно додека брилираше меѓу стативите на Југославија, на Цеље, Барселона, Веспрем – својата величина како играч, да ја повтори и како тренер.

Тој ќе рече, „јас гледам да не сум им само тренер на овие момци, на некои сум и втор татко и брат“ и сè што е потребно за да бидат најдобрата верзија од себеси. Затоа нема што да нè чуди што од Милосављев до Борко, на сите голмани им „тече мед од уста“ кога зборуваат за својот ментор во Вардар. Тој, пак, самиот вели дека и тие, голманите го градат како личност и сега, на 50-годишна возраст. Дури и по европските круни со Цеље и со Барселона и по медалите со репрезентацијата на Југославија дојде ред да доживее нешто што го немал досега –„Вардар европски шампион епизода 2019“. Раскажува како проблемите не ги поколебале, затоа што си должеле на себеси да си овозможат неповторливо искуство. Во интервју за Спорт1, Дејан Периќ, тренерот на голманите на Вардар, кој дојде во 2018 година, мина низ трњето заедно со тимот и сега заслужено повторно жнее признанија со своите момци.

– Дојдовте со Дејан Милосављев и, почнувајќи од него, нема голман што не се пофали колку добро е да се работи со Дејан Периќ. Што им давате, а што барате од голманите? Која е таа единствена врска меѓу вас што произведува големи резултати и вакви реакции од нив?

„Мене ми е драго што играчите имаат такво мислење за својот тренер и што тој ја заслужува нивната доверба. Односите не само во ракометот, туку и во едно семејство се подобри ако има доверба. Тогаш се извлекува позитивното од сите, се надградува и преку добра анализа станува се подобро, а пречките се надминуваат.

Јас не сум добар колку што мислам дека сум добар. Кога работиме и кога се донесуваат одредени одлуки, знам дека се вистинските кога ќе се свртам и кога видам колку и на кој начин ме следат луѓето со кои работам.  Јас ги слушам моите голмани. Мислам дека нема да бидам помалку вреден и нема бидам со помал авторитет ако имаме комуникација со заемно почитување. Не сакам да имаме дистанца, бидејќи само луѓето кои имаат нешто да кријат, кои се бранат да не бидат провалени имаат дистанца. Основниот предуслов е да имаме една здрава комуникација, отворена. За секој играч е многу важно да знае дека постои авторитет на знаењето, да го почувствува тоа. Секојдневно работиме, кажуваме зошто тоа го работиме…за мене голманите со кои работам во тој момент се најдобри на светот. Јас така се однесувам со нив. Голманското место е специфично, психолошкиот момент е многу важен, често пресуден. Многу е важно да постои социјална свест, сето тоа се сегменти кои се многу важни и во комуникација и во работата и во предводењето на луѓето. Работам со квалитетни луѓе и со одлични голмани кај кои, нормално, постои хиерархија, се знае кој е Борко, кој Марко, кој Робин. Од таа страна апсолутно не можеме секогаш да бидеме задоволни, не може сите секогаш да играат, но најважно е за тренерот оние двајца кои ќе ги одбере да ја оправдаат довербата. Јас работам како да ќе останам долго време, а подготвен сум утре да одам. Тоа значи дека до последен ден сум коректен кон сите и се посветувам максимално. Ако тренерот не си ги почитува голманите, како да очекува дека ќе бидат почитувани од друг?

– Минатата сезона беше тешка за Вардар и финансиски и резултатски. Голманите беа една од поголемите болки, но успеавте да поминете низ тоа и сега да дојде ред Борко да биде прогласуван за голман на колото. Како одеше тој процес на пад и подем?

– Три години сум во Вардар, имав можност да работам и со врвни голмани и со анонимни голмани и во една екипа која оди на најголеми цели како во СЕХА и во македонското првенство, така и во ЛШ. Тоа е голем предизвик. Со сите што работев и јас растев покрај нив како тренер и тие како голмани, а сите растевме како луѓе. Она што е сигурно, по заминувањето на Дејан Милосављев, нормално беше дека Калифа доби предност и го носеше бремето. Не можам да кажам дека беше сè добро, не можам да кажам дека сè беше лошо. Она што беше добро го ставам на сметка на Калифа, Кугис и Марко Кизиќ, а она што е лошо на моја сметка. И кога не беше добро јас и моите голмани не баравме алиби, не велевме дека е до одбраната, од каде се шутирало итн.

Уште на крајот на минатата сезона дојде некој кој има оставено голем печат во својата кариера, играше во големи европски клубови, имаше потврда и како голман и како човек. Борко е една позитивна личност и карактерно, личност која влева самодоверба во екипата, човек кој е одговорен и има висок праг на толеранција. Прво е отворен за соработка, второ во нашата заедничка работа постои почитување, доверба, но таа мора да се заслужи секој ден. Мислам дека најдовме еден добар однос во работата и поставивме добра дијагноза за неговото враќање дома во Вардар со голема улога и со голема цел, со сето она што го дава и медиумски и во екипата. Мене ми е најважно што тој најмногу очекува и бара од себе. Со однесувањето е за пример. Ова што го брани сега е потврда за тоа што е и кој е Борко. Добро е кога се брани квалитетно во континуитет. Ќе гледаме да се брани уште подобро, да се држи една висина на летвичката, да не оди подолу од тоа што е сега, туку само нагоре. За тоа се потребни психофизички квалитети и многу работа. Постои добар однос во голманскиот тим, секогаш се знае кој со кого брани во тандем и зошто, како и тоа зошто некој не брани.

– Борко има поддршка во Кизиќ и Кантегрел, млади голмани со голем, потенцијал, особено 19-годишниот Кизиќ. Вие веќе покажавте како се негува млад талент со Милосављев, како ви оди со нив?

– Горд сум на Марко Кизиќ кој е со мене од негови 16 и пол години. Напредуваше многу и во натпреварите во кои доби шанса да брани покажа дека, прво се работи за ментално здраво момче, второ дека е еден дијамант кој треба да се бруси и негува. Со својот однос и пристап, шансата што му се укажа ја искористи и ја оправда. Голманите не ги делам на млади и стари, туку на добри и помалку добри и мислам дека Марко е еден од поталентираните голмани во Европа и во светот во тоа возрасна категорија. На тоа можат да бидат горди и тој и неговото семејство и од клубот и цела македонска јавност. Робин дојде од Франција и прво и прво да потенцирам повлече сериозен потег во кариерата, не е мала работа да се дојде во Вардар. Ова е сериозен клуб во кој постои здрава конкуренција и резултатот не смее да трпи. Робин доби предност во некои натпревари, зашто сепак има некое натпреварувачко искуство во однос на Марко. Тој е еден професионалец, исклучително вреден. А Вардар е уште европски првак, се очекува многу од него. Мислам дека и тој и Марко ќе му бидат ем потпора, ем здрава конкуренција на Борко.

– Сезонава почна со лоши резултати, со недоверба од јавноста, па потоа дојде победата над Фленсбург и Вардар изгледа сè подобро. Згора на тоа тука е коронавирусот кој ја кочи нормалната работа. Како се снаоѓате во новото нормално?

– Навистина е уметност да ја држите екипата во една состојба, да се подготвувате за противник и два дена пред натпреварот слушате дека не играте. Тоа е генерално проблем за сите екипи во оваа денешница и во тоа нема да бараме изговор. Најдобро ќе поминат екипите кои најбргу ќе се адаптираат, кои ќе сфатат дека она што порано значеше домашниот терен, веќе не значи. Ако противниците знаеја уште пред да дојдат дека во Скопје многу тешко се победува, поради хемијата меѓу Вардар и публиката која е препознатлива во цела Европа, за жал тој адут сега го немаме. Сите играчи сакаат да играат пред публика, а ова е тажно. Затоа, кој побргу ќе се прилагоди на тоа, тој ќе биде поуспешен во ова време додека трае. Што се однесува до играта и до резултатите, овој напредок кој го гледаме сега не е случаен. Тимот е собран речиси три месеци, постои здрава работна атмосфера, во која тренингот е на ниво на натпревари, тренер кој има авторитет, стари играчи кои се голема поддршка и пример за младите играчи, нови играчи кои го оправдуваат тоа што биле донесени во Вардар и што повлекле такви потези во кариерата. Мислам дека се свесни за тоа, бргу се адаптираат, а постарите им олеснуваат. Постои висока соработка, толеранција, почит и коректна комуникација. Тоа се квалитети кои влијаат и на играта и на тимот и затоа нашите резултати се подобри од натпревар во натпревар. Она што е важно е дека сите се свесни дека екипата може. Тоа што ме радува е дека овие постарите играчи, не чекаат некој друг да го направи она што тие можат. Тие имаат рејтинг и име, но додаваат уште повеќе гас и ја повлекуваат екипата.

– До пред некој месец не се знаеше што понатаму со Вардар. Како ја доживеавте и преживеавте таа криза и влијае ли сето тоа на траењето на престојот на Дејан Периќ во Вардар?

– Јас сум човек кој живее за ракометот, ама и од ракометот. Имам семејство и едноставно со тоа доаѓаат некои работи кои секој од нас мора да ги земе предвид. Еден таков момент е да работите, да бидете во една средина, да опстојувате и да не повлекувате радикални потези кога има финансиски и некои други проблеми. На прво место јас оваа работа ја сакам, второ ракометот е мој живот и сè ми овозможил. Трето јас имам една мисија, а тоа е дека по 30 години кариера, на која сум многу горд, сакам да го предадам знаењето и искуството на оние кои сега се во тој играчки моментум и пред себе имаат кариера. Нормално дека сите ние во ваквите ситуации размислуваме што понатаму. Можеби немаме ни право, околностите се такви, специфични во цел свет, не само во спортот, туку генерално во животот, така што никој нема многу право да прави планови и да се определува за нешто што не е изгледно и реално. Во целата оваа приказна притисокот и стресот се нешто со што мора да научиме да живееме. Во ситуацијата и годините во кои се наоѓам, со семејството кое го имам, децата кои се веќе во повисока возраст, јас прво и прво размислувам што можам да им дадам како татко. Така се поставував и досега, така ќе биде и понатаму. Ќе видиме, времето ќе покаже.

– Ајде за да се вратиме на чудото од Келн и титулата во 2019 година. Како на човек што бил европски првак како играч, освојувал олимписки медали, како ви изгледа од оваа дистанца целиот успех, но и сите притисоци што му претходеа?

– Таа година беше исклучително специфична, неповторлива, многу тешка и многу успешна на крај. Постоеше една голема доверба во однос на човекот кој беше претседател на клубот тогаш и не беше во прашање дали тој финансиски момент ќе биде решен. Можеме да зборуваме за фајналфорот кој дојде само како еден катапулт. Но да се дојде дотаму беше многу тешко и неблагодарно. Сите луѓе кои беа тука и кои го изнесоа тоа до крајот, секој поединечно беше дел од една приказна, од една група која тоа го носеше додека многу би кренале раце и би калкулирале или би заминале. Секој човек, од играчи до комплетен стручен штаб, но пред сè играчите заслужуваат голем респект и можат да бидат пример, бидејќи тоа не се доживува секој ден. Ниту се среќаваат луѓе кои на прво место го ставаат ракометот и играат, за да не се разочараат и себе и луѓето околу себе.

Во таа ситуација, пред четвртфиналето со Сегед слушнавме дека екипата се распаѓа, дека иднината на Вардар не е возможна со Самсоненко и дека едноставно сите сме слободни. Меѓутоа играчите и сите ние решивме, веќе години сме заедно и дека треба да се доигра поради она спортското што нема врска со парите. Одлуката беше да играме и да не си ја одземеме себеси таа можност, да успееме уште еднаш да се квалификуваме на Ф4. Успеавме во тоа на едно високо ниво и стигнавме на Ф4. Сето тоа во Келн и натпреварите и чудото со Барселлона, губењето со седум разлика, финалето со Веспрем….сето тоа беше само една потврда и награда за една екипа која има висок победнички менталитет, која не сака да губи. Тука веќе ништо не беше во прашање, само дојде една награда за работата низ целата година. Тоа само го потврди секој од нас како поединец и спортист, како некој што на прво место го става тимот. Секој поединец групата може да го надополни, но жално е кога многу поединци се гледаат само себе и гледаат да го расипат тоа што е здраво. Без таквите се може. Кога поединците се на право место и си ги знаат задачите, кога тоа ќе се преточи во тимска игра, е таков тим тешко е да загуби.

– Бевте и селектор и асистент, сега веќе трета сезона тренер на голмани. Тоа ли е оптималната улога во која се пронаоѓате, за како што велите, да ја продолжите вашата мисија?

– Работев како селектор на Србија и по ЕП во Полска на кое се квалификувавме, по некои промени во федерацијата јас завршив со таа функција. Работата со голмани не ми е нешто ново, бидејќи јас и додека играв има ви таква улога. Екипите имаа доверба во мене и дури ги тренирав момците кои тогаш бранеа со мене. Повикот од Сергеј го добив кога Штербик си отиде. Прво разговорите беа во однос на Милосављев, дали е добар, каков е, бидејќи дотогаш никој не го знаеше. Јас го кажав моето мислење, се зборуваше тогаш да бранат Милосављев и Милиќ, па потоа Милиќ го ослободија и Сергеј ме повика дали сакам да работам со голманите. Јас прифатив, знаев дека доаѓам во актуелниот првак на Европа и работев на тоа ниво.

Сигурно дека работата ми ја олесни тоа што имам поминато многу на голот за да можам јас ним да им олеснам. Како да се однесуваат под притисок, како е кога е тешко, кога е лесно… Драго ми е што дојде до тоа, што можам да ја продолжам оваа мисија на давање, на крајот на краиштата не сум им јас само тренер, на некои сум им татко, на некои брат, тоа се повеќе улоги во една и голема чест ми е. Благодарен сум на сите голмани со кои работев и уште работам, од Штербик, до Дејан, Калифа, Кугис Марко, Гогов, Борко, Робин… Сите тие влијаат на тој начин да јас мојата тренерска работа како поминува времето да ја работам подобро. Драго ми е што можам да им помогнам во некои погледи на голманска позиција и да ги насочам во вистински правец. Ако не сме помогнале многу, барем да не сме отежнале. Во целото ова време поминато во Вардар мислам дека повеќе ја оправдаа нашата заедничка работа, а сите влијаеја на моето усовршување како тренер.

– Со ракомет почнавте пред повеќе од три децении, до денес спортот претрпе многу промени. Каква е еволуцијата на голманот? Каков профил треба да биде во овој модерен ракомет со „7на 6“, со трчање?

– Има една важна работа, а тоа е дека голманите мора да бидат поподготвени од играчите. Во еден краток период мора сè да следат, топка движење, соиграчите, противничките играчи, празен гол… Во секунда треба да донесе одлука, да биде компјутер. Мислам дека во иднина ќе можат да поминуваат само голмани кои се вредни, дисциплинирани, кои сакаат да тренираат, голмани кои се во тој голмански, тактички дел рационални, а повторно да можат тркачки и физички да издржат. Многу се смени позицијата на голманите, како што кажавте, со овие нови правила со „7 на 6“, со трчање, за разлика од порано кога беа позаштитени. Јас лично сакам што се игра побрз ракомет, што има повеќе можности за напад и повеќе начини да се дојде до голот, но јас сум човек кој секогаш гледа екипата да прими гол помалку, а не да даде гол повеќе. Тоа значи дека јас сум човек на кој поважна му е одбраната. Добрата одбрана може да го направи нападот подобар и ниеден добар напад не може без одбраната. Е сега, човек би требало да вози со онаа брзина со која е обучен. Може некој сака да вози формула, но не е обучен да вози со 300 на час. Така што мора секој да си следи каква екипа има, какви можности и врз основа на тоа да го моделира својот стил и да го извади најдоброто од неа.