Кенет Андерсон, роден на 9-ти Октомври 1970 година во Квинс (Њу Јорк).
Уште од најрана возраст, младиот Кени беше сметан за еден од најдобрите плејмејкери кој потекнуваат од легендарните њујоршки игралишта. Уште во шесто одделение за Андерсон пишуваа локалните медиуми а на своја 14 годишна возраст ја има својата прва насловна страница.
Во средното училиште “Арчбишоп Молој”, Андерсон играше на врвно ниво и 4 пати беше прогласен за средношколски играч на годината. Ваков подвиг единствено има направено уште Карим Абдул – Џабар.
Бек висок 1.86 цм, со одлична визија и префинета техника на водење на топката. Откако го презентираше својот неспорен талент, во 1988 година доби целосно платена школарина од еминентниот универзитет Џорџија Тек.
Во колеџ, молневито брзиот “плеј” играше 2 сезони. Во втората сезона, Андерсон постигнуваше просечни 26 поени по натпревар. Неговиот поентерски потенцијал кој го придодаде на своите неспорни плејмејкерси квалитети го направија еден од фаворитите за влез во најсилното натпреварување.
На драфтот 1991 година, беше избран како втор пик од страна на Њу Џерси Нетс.
Њу Џерси Нетс (1991-1996)
На задовлство на многумина, Андерсон своите професионални почетоци ги направи во добро позната средина, недалеку од својот дом. Во својата дебитантска сезона беше најмладиот играч во лигата. Премиерно заврши со скромен просек од 7 поени за само 17 минути во игра. Веќе во втората сезона, бележи рапиден пораст на минутите како и поените и асистенциите. Популарниот “Чибс” набрзо станува еден од најдобрите плејмејкери во лигата.
Во третата сезона, постигнува по скоро 19 поени и 10 асистенции по меч. Набрзо стана и “Аll-Star” играч а “нетси” прераснаа во еден од најнезгодните противници во лигата. Њу Џерси имаше состав пополнет со одлични играчи како Дерик Колмен и Дражен Петрович а главен тренер беше поранешниот двократен шампион, Чак Дејли.
Тимот со текот на годините претрпе одредени играчки промени (и трагедии, како смртта на Петрович) но, во целиот период во кој настапуваше за “мрежичките”, Андерсон беше вистински “диригент” на тимот.
Њу Џерси Нетс имаа разочарувачка сезона (1994/1995) во која го пропуштуја “плејофот”. На главните играчи им истекуваа договорите а управата требаше да се реши во која насока ќе продолжи понатаму? По 5 години поминати во “Џерси”, Кени ја менува средината. На 19-ти Јануари 1996, челниците на тимот се решија да го испратат Андерсон во Шарлот.
Шарлот Хорнетс и Портланд Треил Блејзерс (1996-1998)
Во дресот на Шарлот Хорнетс, Андерсон се задржува 38 натпревари со солидна игра пред да потпише договор со Портланд Треил Блејзерс. Во Орегон, Кени Андерсон повторно игра во “All-Star” форма. “Блејзерси” имаа одличен состав и претставуваа еден од најсилните тимови во Западната конференција.
Добрата игра на “Чибс” се очекуваше да биде наградена со нов договор но, наместо тоа се отвори шанса за доведување на миленикот на публиката во “Роус гарден”, поранешниот локален херој Дејмон Стадемаер. Така Андерсон заврши во Торонто а откако одби да ја продолжи кариерата во Канада, експресно беше проследен во Бостон.
Бостон Селтикс (1998-2002)
Кени Андерсон поминува 5 сезони во дресот на најтрофејниот тим во историјата. Во тој период важи за искусен плејмејкер чија главна цел е организација на играта. Бостон имаше еден од нјасилните состави на Истокот а Кени беше стартна “единица” на 95% од натпреварите. “Келтите” предводени од Пол Пирс и Ентоан Вокер беа блиску до финалето во неколку наврати но, не успеаа да дојдат до посакуваната цел.
Според многумина, овој период од неговата кариера ја игра најзрелата кошарка и е комплетно посветен на тимот. Неговата игра не е како на почетоците кога преовладуваа индивидуалните квалитети но, од тимски аспект е на врвно ниво. Просечните 14 поени и 6 асистенции не го отсликуваат во целост неговото присуство во таборот на “селтикси”. На 20-ти Февруари 2003 година, Андерсон е трампан во Сиетл.
Сиетл / Њу Орлеанс / Индијана / Атланта / Лос Анџелес Клиперс / Жалгирис Каунас (2002-2006)
При пристигнувањето кај “соникси”, Андерсон имаше полни 32 години. Често на оваа возраст играчите достигнуваат целосна играчка зрелост. Кени, кој во лигата пристигна со неполна 21 година веќе го помина тој период. Во оваа (завршна) фаза на неговата кариера, “Чибс” беше искусен ветеран чие присуство беше исклучително почитувано.
Од 2002 до 2006 година, Кени често ја менуваше средината а никаде не се задржа повеќе од 40 натпревари. Од Сиетл премина во Њу Орлеанс а потоа се пресели во Индијана, Атланта и на крајот одигра 4 натпревари во дресот на “Клиперси”.
Желбата за игра сеуште постоеше, и откако не доби понуда од ниеден NBA тим се реши да ја прифати понудата за играње во Европа. Сезоната 2005-2006 ја помина во дресот на (Литвански) Жалгирис Каунас по што официјално стави крај на професионалното играње кошарка.
РЕЗИМЕ
Кени Андерсон неспорно претставува еден од најголемите плејмејкери кој доаѓаат од една легендарна област. Њу Јорк е горд на своите таленти а популарниот “Чибс” изгледаше како најголем потенцијал кој потекнува од “Големото јаболко”. И покрај тоа што не стана суперѕвезда, Андерсон имаше долга и продуктивна NBA кариера која траеше 14 години.
Според информациите, брзиот “плеј” во своите играчки денови заработи 63 милиони долари. И покрај тоа, веднаш по завршувањето на кариерата прогласи банкрот. Потоа дојода посветли денови.
Во 2010 дипломира на универзитетот Сент Томас Мајами, во областа организирано лидерство. Во 2011, стана тренер во средно училиште но, веќе две години подоцна ја губи сообраќајната дозвола поради возење во алкохолизирана состојба.
Во 2013 година јавно признава дека како дете во повеќе наврати бил сексуално злоставуван и ги подржува сите жртви да пријават и јавно да ги посочат оние кој ги малтретирале и понижувале.
Во 2018 година стана прв тренер на Универзитетот Фиск во Нешвил (Тенеси).
Во 2019 преживеа мозочен удар кој за среќа го надмина и успешно се рехабилитираше. И денес е главен тренер на универзитетот во Нешвил. Татко е на седум деца од четири различни жени.
“Чибс” можеби не го достигна својот полн потенцијал но, ја преброди секоја пречка и по секоја борба излезе како победник.
NBA FAN
Димитар Младеновски