Ретро NBA-Дел Кари = Таткото на најголемиот шутер

590

Вардел Стивен Кари Сениор, роден на 25 Јуни 1964 година во Харисонбург, Вирџинија.
Своите спортски почетоци ги прави во средното училиште Форт Дефиенс, каде завршува како најдобар стрелец во историјата. Се смета за еден од најдобрите чисти шутери во Америка. Како одличен спортист во два спорта (кошарка и бејзбол) се приклучува на универзитетот Вирџинија Тек.

Кари беше четиригодишен стартер на универзитетско ниво. Во својата сениорска сезона (1986 година) беше прогласен за играч на годината во Метро конференцијата. Пред сезоната 1986-1987, NCAA лигата немаше линија за три поени. Ултра прецизното шутирање од далечина на Дел не беше наградено, како што ќе биде подоцна во неговата професионална кариера.

Кари исто така играше бејзбол за Вирџинија Тек и беше избран од Балтимор Ориолс на MLB драфтот но, одлучи да продолжи да игра професионална кошарка. Еден е од ретките со официјална селекција во две професионални лиги, во два различни спорта.

NBA кариера  

Дел Кари беше избран со 15-ти пик од страна на Јута Џез, на драфтот 1986 година. По само една сезона вo Солт Лејк Сити, се пресели во Кливленд а потоа следуваше проширувањето на лигата со два нови NBA тимови.

Еден од нив беше Шарлот Хорнетс кој го ангажира. По првите две сезони, Дел конечно ја доби потребната минутажа за да го презентира својот убиствен шут.
Во дресот на Шарлот, тој помина 10 сезони. Неговата главна улога беше да придонесе со поени во нападот, брзо и ефектно.
Најчесто влегувајќи од клупата за резервни играчи, Кари со својот шут често им создаваше главоболки на противничките одбрани. Поентерскиот потенцијал го направи еден од најчестите кандидати за освојување на наградата за најдобра резерва во NBA. Tокму таа награда ја освои во сезоната 1993-1994.


Во деценијата кога настапуваше за тимот од Северна Каролина, Кари стана лидер по бројот на постигнати поени, одиграни натпревари и постигнати тројки во франшизата.
За целиот период, “стрелаше” со близу 50% успешност за три. За таа декада низ дресот на “стршлените” поминаа имиња како Алонзо Морнинг, Лери Џонсон, Херси Хоукинс, “Магзи” Боугз а подоцна Глен Рајс, Ентони Мејсон, Дерик Колмен, Владе Дивац но, токму Кари беше синоним со “осилото”.

Кога го напушти составот во 1998 година, беше единствен кој беше во тимот од неговото формирање. Дел Кари во 1999 премина во редовите на Милвоки Бакс пред да се приклучи на Торонто Репторс, каде помина три години. Во Канада неговото искуство беше од исклучителна важност.
Се повлече во 2002 година, на 37 годишна возраст.

Достигнувања и ангажмани  

Уште во 1998 година, Кари основа добротворна фондација чија цел е подобрување на условите за живот и напредок на младите во Шарлот, Северна Каролина. Фондацијата води пет центри за учење во градот и обезбедува едукативна програма со советување за злоупотреба на психотропни супстанци.

Во 2004 година, беше примен во Спортската куќа на славните во Вирџинија.
Во 2009 година, започна да работи како коментатор за Шарлот Бобкетс (сега Шарлот Хорнетс). Во 2016 година, Кари беше добитник на наградата “Боби Џонс” за својот импакт врз кошарката како и за подобрувањето на условите за живот на голем број на деца низ САД.

Најголемото достигнување на Дел Кари е родителството.
Тој е татко на (според многумина) најголемиот шутер на сите времиња, Стеф Кари како и на уште еден опасен шутер кој игра во NBA, Сет Кари.

Благодарност до мојот пријател Благоја Филиповски и неговата сугестија за оваа колумна.

NBA FAN
Димитар Младеновски