Алан Вејд Хјустон, роден на 20-ти Април 1971 година во Луивил (Кентаки).
Почетоците
Своите кошаркарски почетоци, Хјустон ги прави во средното училиште Балард во Луивил а потоа универзитетот во Тенеси (каде што играше под будното око на неговиот татко Вејд кој беше главен тренер). По завршувањето на колеџ кариерата, Алан остана запаметен како најдобриот стрелец во историјата на Тенеси а поради неговиот неспорен придонес, дресот кој го носеше (со број 20) беше повлечен од употреба.
Детроит Пистонс (1993-1996)
Хјустон беше избран како 11-пик на драфтот 1993 година од страна на Детроит Пистонс. Важеше за еден од најдобрите млади шутери (и поентери) кој пристигнуваат на професионална сцена. На стартот имаше помала минутажа но, она што радуваше беше неговата дисциплина и напорна работа. Во првите три професионални сезони Хјустон бележеше рапиден раст по бројот на постигнати поени по натпревар почнувајќи со 8.5 па 14.5 и 19 поени во третата сезона.
Навивачите на “пистонси” имаа причина за задоволство и се надеваа дека тандемот сочинет од Алан Хјустон и (младата супер ѕвезда) Грент Хил ќе ги понесе кон успешна иднина. Управата на Мичиген, за жал не успеа да го задржи во “градот на автомобилите”.
Њујорк Никс (1996-2005)
Во неговата прва година како член на “Никси”, Хјустон ги воодушеви навивачите. Новиот адут на тимот од “големото јаболко” воодушевуваше со својата професионалност и скромност. Веќе во втората сезона, беше прв стрелец во тимот и ја заслужи главната улога во нападот заедно со капитенот Петрик Јуинг.
Во скратената сезона (1998-1999) Њу Јорк како осмопласиран тим стигна до големото финале што е прв и единствен случај во историјата на NBA. Хјустон доби нов бековски партнер во Латрел Спривел а тоа значеше динамичен напад исполнет со контранапади и главоболки за противничките одбрани. Њу Јорк за жал загуби во големото финале од (тогашниот голем фаворит) Сан Антонио Спарс, со 4:1.
По завршувањето на сезоната, Хјустон доби специјална чест. Беше избран во репрезентацијата и ја претставуваше САД на Олимписките игри во Сиднеј (Австралија) во 2000 година, каде се закити со златниот медал. Веќе во 2001 година, потпишува 6 годишен договор вреден 100 милиони долари. Хјустон продолжи со солидни настапи во наредните три години.
Неговиот тим бележеше промени во составот но, тој беше стандардно прв стрелец во тимот и главна алка во нападот. Два пати беше избран за настап на мечот помеѓу најголемите ѕвезди, на “Аll-Star” натпреварите. Во целокупната кариера, Алан Хјустон беше познат по својот шут кој според многумина беше еден од “најчистите” и најпрецизни во лигата. На 16 Март 2003 година (на гостувањето против Лос Анџелес Лејкерс) го постигна рекордот во кариерата, 53 поени. Токму, во 2003 година дојдоа и првите проблеми.
Хјустон играше солидно но, чувствуваше константи болки во коленото. Тимските доктори не успеаа да пронајдат за што се работи па одличниот шутер беше лимитиран на 50 натпревари. За прв пат во кариерата, Алан не беше во можност да одигра најмалку 90% од натпреварите, што претставуваше негова пракса. По крајот на натпреварувачката 2003-2004, на Хјустон му беше констатирано оштетување на лигаментите во коленото и беше приморан да оди на итна операција.
Најпрво одбива да се оперира со цел да биде подготвен за наредното првенство а откако се реши за хируршки зафат се врати пред целосно да заврши периодот на рехабилитација. Во сезоната 2004-2005 одигрува само 20 натпревари а потоа е принуден да стави крај на играчката кариера на 33 годишна возраст. Последниот натпревар го одигра на 15-ти Јануари 2005 година. Се обидува да се врати во 2007 година и 2008 година но, за жал неуспешно.
Постиграчки денови
Во 2008 година, Хјустон беше ангажиран од Њујорк Никс како помошник на управата на тимот. Работеше со младите играчи и беше вклучен во организациската структура на тимот.
Во Декември 2010 година, беше унапреден на позицијата помошник генерален менаџер. Од Јули 2019 година, Хјустон е специјален асистент на генералниот менаџер на Њу Јорк Никс како и главен и генерален менаџер на (нивниот “Џи-лиг” тим) Вечестер Никс. Со својата сопруга Тамара е горд татко на седум деца.
Алан Хјустон одигра 12 NBA сезони. Многумина тврдат дека токму тој е еден од оние кој во сегашно време би бил исклучително покорисен, попрецизен и повеќе ценет за разлика од времето во кое настапуваше во лигата. Кариерата ја заврши како двократен “Аll-Star”, “Олимпиец” со освоен златен медал и (секако) со богата заработувачка. Самото тоа што веднаш по неговите играчки денови беше ангажиран да продолжи да ги пренесува својата мудрост и искуство доволно говори за тоа колку е почитуван од неговите поранешни колеги како и работодавци.
Алан Хјустон, еден од најопасните шутери на сите времиња.
NBA FAN
Димитар Младеновски