Остануваат уште неколку недели од летниот преоден рок, а до крајот на истиот се очекува да се реализираат уште големи трансфери.
Прв на листата е Нејмар кој скоро сигурно заминува од ПСЖ. Во продавниците на клубот веќе не се продава опрема со неговото име, а Барселона и Реал Мадрид водат голема борба за неговиот потпис. Бразилецот сака да се врати покрај Лионел Меси и Луис Суарез, но Флорентино Перез би сакал да го искористи одличниот однос со челниците на францускиот првак за да го доведе на „Сантијаго Бернабеу“. Наредната недела ќе биде клучна за иднината на бразилскиот интернационалец.
Следува Пауло Дибала кој нема место во тимот на Маурицо Сари. Јувентус одамна бара решение за Аргентинецот, кој одби да се пресели во Премиер лигата. Голема сума на пари понуди Манчестер Јунајтед, но тоа не беше доволно за офанзивецот да замине од Торино. Тој се споменува како замена за Нејмар во француската престолнина. Катарските сопственици ќе му понудат висока плата со која се надеваат дека ќе го убедат да ја промена играчката средина.
Долго време Мауро Икарди е во „војна“ со Интер. Клубот не сака да го ослободи за да замине во лутиот ривал Јувентус. Веќе пристигна и неговиот наследник во Милано, Ромелу Лукаку. Белгискиот голгетер ја доби „деветката“ што е провокација плус од управата до аргентинскиот репрезентативец.
Премиерлигашот Тотенхем до крајот на летото би можел да остане без Кристијан Ериксен. Данецот има уште една година од договорот со тимот од Лондон, но тврди дека е подготвен за нов предизвик. За него се интересира Реал Мадрид, кој се чини ќе има празно место во средниот ред, поради неможноста да се доведе Пол Погба. Ако Маурицио Почетино не успее да го убеди да потпише нов договор, неминовна е негова преселба во Примера.
Покрај овие четири имиња, клубови би можеле да променат уште и Филипе Кутињо, Иван Ракитиќ, Џејмс Родригез и Дони ван де Бек.