Од синоќешната NBA програма сочинета од 10 натпревари, издвојуваме два кој беа најинтересни.Никола Јокич уште еднаш ја покажа својата кошаркарска раскошност. Одигра одличен натпревар против Чикаго Булс и го одбрани домашниот терен. Денвер славеше со 131-127 по продолжение во крајно неизвесен меч. Српскиот репрезентативец постигна 34 поени и 15 скока, а му недостасуваше само една асистенција за трипл-дабл учинок. Во чекор го следеше сјајниот шутер, Џемјал Мареј кој исто така реализира 34 поени.
На спротивната страна, бекот поентер на “биковите”, Зек Лавин продолжи со импресивните партии кој редовно ги реализира овогодинешното првенство. Лавин постигна 32 поени а Ото Портер 22, сепак недоволно за гостински триумф над секогаш незгодниот противник. Со новата победа, “нагетси” се израмнија на петата позиција во западната конференција. Тимот од Колорадо има идентичен скор на победи и порази (25-16) како нивниот ривал, Портланд Треил Блејзерс.
Како и Јокич, така и Лука Дончич продолжува со импресивните претстави. Овој пат одличната партија на Словенецот не беше доволна за Далас Маверикс да триумфира против Портланд Трејл Блејзерс. Пресудна беше последната (четврта) четвртина во која “блејзерси” го скршија отпорот на гостите од Тексас.Покрај 38-те поени на Дончич, и 25-те на Тим Хардавеј, “мавси” го положија оружјето. Домашниот Портланд со возбуда и воодушевување го дочека враќањето на нивниот втор најдобар играч Си-Џеј МекКолум. По паузата од 12 натпревари поради повреда, искусниот стрелец од Охајо се врати на најдобар можен начин. Тој на овациите од навивачите возврати со 32 постигнати поени. Во чекор го следеше првата виолина во составот, Демиен Лилард со 31, и Кармело Ентони со 18 поени. Конечни 125-119 за домашен триумф во “Мода центар”.
NBA FAN
Димитар Младеновски