Синоќешната богата NBA програма содржеше 10 интересни натпревари.Најпрво, Бруклин ја продолжи својата победничка серија победувајќи на гости против Индијана во “Бенкерс Лајф филдхаус” со конечни 124-115. Главен адут на тимот од Њу Јорк беше Џејмс Харден кој во отсуство на Кевин Дурент и Кајри Ирвинг, приреди вистинско шоу. “Брадата” оствари импресивен трипл-дабл учинок сочинет од 40 поени, 10 скокови и 15 асистенции. На спротивната страна, Керис Леверт ја предводеше Индијана со 19 поени против своите довчерашни соиграчи.
Се случуваше вистинска драма во главниот град каде Вашингтон го пречека младиот тим на Сакраменто Кингс. Новото одлично поентерско издание на Бредли Бил (29 поени) и новиот трипл-дабл на Расел Вестбрук (26 поени, 14 скокови, 10 асистенции) сепак не беа доволни за победа на “волшебниците” на свој паркет. Во крајно возбудлив финиш, конечен триумф од 121-119 за “кралевите” кој беа предводени од ултра брзиот плејмејкер Диерон Фокс кој постигна 28 поени и 7 асистенции.
Тимот на Милвоки Бакс имаше две причини за задоволство изминатата ноќ. Најпрво го ангажираа искусниот ветеран Пи-Џеј Такер (преку размена со Хјустон Рокитс) а потоа ја поразија водечката Филаделфија. Ова беше 10 победа во последните 11 натпревари за тимот од Висконсин. Во исклучително тврд и неизвесен меч (во кој беа потребни дополнителни 5 минути игра за да се реши натпреварот) пресуден беше двократниот M.V.P. на лигата, Јанис Антетокумпо. Грчкиот репрезентативец постигна 32 поени и 15 скокови со што “елените” ја заслужија победата, на гости во “Велс Фарго центарот”. Со оваа победа Mилвоки, сериозно се доближи на Филаделфија и Бруклин во борбата за првото место на табелата на Истокот. Ланскиот најдобар тим на конференцијата има само една победа помалку и еден пораз повеќе од водечките ривали.
За крај, Далас го разнесе Лос Анџелес Клиперс благодарение на маестралната тимска игра која ја презентираа “маверикс”. Лука Дончич повторно ги воодушеви сите со својата игра. Словенечкиот репрезентативец постигна 42 поени а имаше и 9 успешни додавања. Огромна помош доби и од бековскиот тандем Тим Хардавеј – Џош Ричардсон, кој заедно уфрлија 29 поени. Конечни 105-89 за Далас, во меч кој доминираа од самиот почеток па се до крајот. На спротивната страна, Пол Џорџ беше прв стрелец со 28 поени за поразената гостинска екипа.
NBA FAN
Димитар Младеновски