NBA колумна на Димитар Младеновски-Феникс Санс (1992-1993)

2459

Приказна за еден исклучително интересен тим. Состав кој вреди да се запамети. Шампионски кандитат со одлични играчи на секоја позиција. Супер ѕвезди и долга клупа. Следи кратка анализа на најжешкиот тим од Аризона, “сонцата” од Феникс кој за влакно не успеа да ги детронизираат најдобрите.

Предсеозна:

Во својата 25-та сезона по формирањето, управата на тимот успева да го донесе (за многумина) најмоќното ниско крило во 90-тите, “Сер” Чарлс Баркли. Преку трампа со Филаделфија, “сонцата” успеаа во своите редови да го присвојат еден од најдобрите играчи во тоа време.
Го потпишуваат бекот Дени Ејнџ, исклучително благодарен играч, голем борец,  долгогодишен човек број 1 во управатa на Бостон Селтикс. Во својот ростер, веќе го имаат еден од најекслплозивните поентери во лигата, “All star” бекот Кевин Џонсон. Kако “бек ап” варијанта во тимот, пристигнуваат искусниот плејмејкер Френк Џонсон, центарот Оливер Милер (преку драфтот) како и поранешниот “All star” играч Том Чемберс (како повратник во старото јато).
Овој тим веќе има уште еден докажан “Аll star” играч и Олимпиец во Ден Маерли, експлозивен млад поентер во aтрактивниот Седрик Себалос како и прекален ветеран во центарот Марк Вест.
Крилниото Ричард Думас е уште еден играч кој оваа сезона беше повеќе од пријатно изненадување. Водени од одличен тренерски состав на чело со поранешниот играч на “санси”, Пол Вестфал, тимот од “долината на сонцето” сезоната ја започнува исклучително силно.

Регуларен дел на сезоната (1992-1993):

Сезона во која имаат нов изглед (нови дресови) и играат во нова сала (Америка Вест Арена) “санси” ја имаат најдобрата сезона во нивната клупска историја – посебно кога се говори за убавината во играта и атомската кошарка на која бевме сведоци. Почнуваат со 21 победа (и само 4 порази) во првите 2 месеци и не застануваат, со забрзано темпо до крајот. Година во која нивното најголемо засилување, Чарлс Баркли, е избран за најдобар играч – МVP на сезоната.

Феникс Санс првенството го завршува со скор 62-20, и заслужува прво место во NBA како и примат на фаворит од Западот во плејофот кој им предстои. Tимот го краси брза но тактички спремна игра во нападот како и дисциплина на двата краја од теренот. Хемијата меѓу играчите делуваше импресивно имајќи во предвид дека ова беше само прва сезона на овој тим, со овој ростер. Борбата за титулата само што започнува.

Плејоф (1992-1993) :

Откако во првото коло се вратија по дефицит од 0-2 и победија (со 3-2) против Лос Анџелес Лејкерс, следуваа страотно силни борби во полуфиналето и финалето на Западната конференција.

Најпрво “сонцата” ги елиминираа Сан Антонио Спарс со 4-2 во победи, a потоа во решавачки 7-ми меч за влез во финалето, го исфрлија моќниот тим на Сиетл Супер Соникс (со Пејтон и Кемп во составот) за конечни 4-3 во победи.

Следува големото финале против Мајкл Џордан, Скоти Пипен и (тогаш) веќе 2-кратниот шампион Чикаго Булс. “Биковите” во завршната пресметка, влегуваат како силни фаворити и итаат кон трета титула по ред.
Во финалната серија која претставуваше класика, на два тима гладни за тронот и подеднакво жедни за докажување на своето место помеѓу “бесмртните”, Феникс Санс го положува оружјето но, не и без борба до самиот крај. Доколку се погледнат натпреварите во финалето ’93 на дело ке се види со кој жар, борба и агресивност се играше во тој период во NBA лигата.
Кошарката беше на високо ниво со многу повеќе физички дуели но, ни за грам не може да стане збор дека поради тоа страдал квалитетот или убавината на оваа магична игра. 

 

“Сонцата” загубија со 4-2 од актуелните шампиони, меѓутоа покажаа како еден тим со тренер дебитант, како и со драстично изменет состав може да се носи со најдобрите во тоа време.
За нивниот најдобар играч “Сер” Чарлс Баркли во оваа приказна има премалку место за да се каже се. За него ќе имаме посебна колумна.

NBA FAN
Димитар Младеновски