Продолжуваме со најинтересните промени низ NBA тимовите.
Две европски ѕвезди (најпосле) се селат преку “барата”.
Ланскиот најкорисен играч во Евролигата, Саша Везенков пристигнува во Сакраменто Кингс. Довчерашниот најдобар играч на атински Олимпијакос потпишува тригодишен договор вреден 20 милиони долари.
Српскиот репрезентативец, Василије Мицич е нов играч на Оклахома Сити Тандер. Мицич (кој е довкратен MBP на најсилното европско натпреварување) пристигнува од редовите на поранешниот европски шампион, турскиот гигант Анадолу Ефес. Договорот е потпишан за три години, период во кој искусниот плејмејкер ќе заработи 23.5 милиони долари.
Лос Анџелес Лејкерс го задржа Дианџело Расел со кој потпиша двогодишен договор вреден 37 милиони долари. Конечно сериозен потег на управата на тимот кој веднаш се насочи кон задржување на уште еден исклучително важен дел на составот, репрезентативецот Остин Ривс. Постигнат е нов четиригодишен договор за кој Ривс ќе заработи 56 милиони долари.
Тимот од “Ел-Еј” конечно доведе и висок играч. Младиот и перспективен центар Џексон Хејс доаѓа од Њу Орлеанс Пеликанс.
Еден од најатрактивните бекови во лигата има нов тим. Денис Смит Јуниор се сели од Шарлот во Бруклин каде потпиша едногодишен договор.
Петрик Беверли се сели во Филаделфија. Еден од најдобрите дефанзивни бекови во NBA доаѓа од Чикаго а за една година ќе заработи 3.2 милиони долари.
Ламело Бол потпиша нов договор со Шарлот Хорнетс. За петгодишна верност кон “стршлените”, ќе добие максимални 260 милиони долари со што станува најплатениот играч во историјата на тимот од Северна Каролина.
Мајами Хит го доведе центарот Томас Брајант а Милвоки Бакс го задржа својот стартен центар, Брук Лопез. Уште еден центар ја менува средината. Оби Топин од Њу Јорк се сели во Индијана. Њу Јорк Никс го доведе Донтеј Ди Винченцо а за четиригодишна верност ќе му исплати 50 милиони долари.
Хјустон Рокетс повторно беа еден од најактивните тимови на пазарот. По Фред Ван Влит, рано утрово го доведоа и Дилон Брукс од Мемфис а успеаа да ангажираат уште два ветерани. Австралискиот бек Пети Милс и NBA шампионот Џеф Грин се нови играчи во Тексас.
NBA FAN
Димитар Младеновски