Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кичево: Се вљубив во Албанка, ни предвидуваа несреќен крај, а ние сме во брак и имаме 3 деца

1263

Александар Јовановски (45) е доктор по општа медицина, вработен во сопствена приватна здравствена установа „Драга-Медика“ во Кичево, која го носи името на неговата покојна мајка. Сопруг е на Линдита Лимани Јовановска (35) магистер, професор по англиски јазик во О.С.У: Дрита. Татко е на три деца Јана (6) Живко (4) и две и пол месечната Дафина. Д-р Јовановски е кандидат за градоначалник на Кичево од ВМРО-ДПМНЕ.

Вели дека не се откажува лесно од замислената цел. Упорноста како една од неговите најистакнати карактерни особини, била пресудна да се бори за љубовта на својата сопруга која е Албанка и да ги победи предрасудите во малата средина. Својот свет го опишува како „Македонија во мало“. Сопругот на едната сестра на сопругата е Албанец, а на другата Турчин. Заедно во хармонична и весела атмосфера ги слават големите христијански и муслимански празници.

* Равнотежата помеѓу работата и приватниот живот е голем предизвик во 21 век. Работното време изгледа се подолго, а слободното време се пократко. Како вие се соочувате со овој предизвик, да бидете успешни, без да го занемарите приватниот живот?

– Бидејќи моите родители се починати и немаме помош во одгледувањето на децата,се трудам веднаш после работа да си дојдам дома и да и помогнам на сопругата околу децата, за да може да си ги заврши секојдневните обврски. Социјалниот живот ми е сведен на минимум, но затоа пак уживам во друштво на дечињата и сопругата.

Децата ги учам да се чесни и да ги почитуваат сите култури

* Каде се запознавте со вашата сопруга. Беше ли тоа љубов на прв поглед?

– Со сопругата се запознав во О.С.У. Мирко Милески-гимназија, во која предавав медицински предмети неколку години, а сопругата беше професор по англиски јазик. Првиот пат кога ја видов ми личеше на пеперутка, бидејќи лесно и грациозно се движеше и се однесуваше. Мислам дека беше љубов на прв поглед. Но, со оглед на предрасудите кои владеат во нашето општество, особено во нашиот мал град, ми требаше подолго време да ја освојам и убедам дека сме створени за заеднички живот.

* Вашата сопруга е Албанка. Се соочивте ли со отпор и од страна на нејзиното семејство или вашето, на почетокот од врската?

– Секако дека имаше отпор. Морам да признам дека моето потесно семејство максимално ме поддржуваше. Но, околината, особено оние попатријахално воспитани, не осудуваа и ни предвидуваа несреќен крај.

* Како успеавте да ги совладате тешкотиите и да ја крунисате љубовта со брак?

– Јас сум доста упорен во остварување на она што сум го намислил и верувам дека нема невозможни работи и нешта кои не може да се остварат. Само се потребни труд и упорност. Така постапив и во однос на сите потешкотии и пречки кон нашата љубов. Бев упорен, убедлив и истраен. Секако и мојата сопруга беше решена да успееме. Така еден убав велигденски ден пред седум години одлучи да побегне од дома и да започнеме заеднички живот. Со раѓањето на првото детенце, ги нормализиравме односите со семејството од сопругата, кои се врвни интелектуалци и успешни во своите полиња на дејствување.

* Прифаќање на различностите поврзани со вера и традиција, се само чекор до создавање на цврста и стабилна врска, а потоа и заеднички живот. Дали подеднакво ги славите и почитувате и христијанските и муслиманските обичаи?

– Ние како семејство сме Македонија во мало. Постарата сестра на мојата сопруга која е нотар е омажена за Албанец и имаат две дечиња. Помалата сестра која е стоматолог е омажена за Турчин, кој е актуелен пратеник во собранието на Р.М. и имаат едно детенце.Така да кога ќе се собереме сите, било да е за Божиќ, Бајрам или друг празник многу е весело. Нормално дека заедно ги празнуваме празниците и најчесто се собираме на семеен ручек кај родителите на мојата сопруга.

* Кои се основните принципи кои ги применувате во воспитанието на вашите деца. Што ви е најважно?

– Најважно ми е да се здрави, да негуваат здрави навики. Не смеат да лажат. Ги учам да ги почитуваат сите луѓе без разлика на етничко, верско или социјално ниво. Сакам да се развиваат нормално во шаренолика средина и да го впијат најдоброто од разни култури.