Историско непријателство: Зошто Индија и Пакистан се во постојан конфликт кој може да ескалира во нуклеарна војна?

341

Индија и Пакистан во текот на последните неколку дена разменија воздушни напади, а тоа е прв пат од 1971-ва година овие две нуклеарни воени сили да се одлучат на еден таков опасен чекор.

Сето тоа вчера резултираше со рушење на два индиски борбени авиони, со што беше вклучен алармот во регионот, но и целиот свет. После најновата ескалација, сите стравуваат од избивање на нова војна. Еве зошто Индија и Пакистан се во постојан конфликт.

Масакри и независност

После распадот на британското колонијално царство по крајот на Втората светска војна, на индискиот потконтинент беа формирани неколку независни држави, од кои најголеми беа Индија и Пакистан. Целиот процес на настанување на новите држави беше отежнат од сложените верски структури во поранешните британски колонии во кои хиндусите и муслиманите живееа заедно.

За време на стекнувањето на независноста и непосредно потоа, во 1947-ма година дојде до жестоки судири на припадниците на двете религии во кои загинаа над 500 илјади луѓе, а од 12 до 15 лица се раселија.

Двете нови држави, Пакистан со мнозинство жители со муслиманска вероисповед и Индија со мнозинство хиндуси, не успеаа да повлечат заедничка граница од која сите ќе бидат задоволни. Нерешените територијални прашања околу неколку региони резултираа со избивање на три војни и безброј помали вооружени судири кои што се водат веќе неколку децении.

Три големи војни

Првата Индиско-пакистанска војна, или Прват кашмирска војна започна кон крајот на 1947-ма година. Најжестоките борби се водеа во историската покраина Кашмир која беше поделена после повлекувањето на Британците. Како и во многу други делови, муслиманите и хиндусите живееле измешано, па новите држави не можеле да се договорат околу поделбата на покраината. Војната траела до крајот на 1948-ма година кога беше договорено примирје, по што Индија доби две третини, а Пакистан една третина од покраината Кашмир.

Нова војна околу истата покраина изби во 1965-та година кога за пет седмици на двете страни загинаа илјадници луѓе, а ситуацијата на терен не се промени. Уште една војна изби во 1971-ва година кога Индија интервенираше во граѓанската војна после која Пакистан го загуби својот источен дел кој стана нова држава – Бангладеш.

Други судири

Вооружен бунт на исламистички милитанти во индискиот дел на Кашмир започна во 1989-та година, а од тогаш до денес се убиени десетици илјади луѓе. Последниот голем напад во Кашмир се случи во 2016-та година кога исламисти нападнаа камп на индиската армија и убија 20 војници. Посебно блиску до нов судир двете земји се најдоа во 2001-ва година кога во исламистички напад на индискиот парламент беа убиени 14 лица. Индија тогаш ги обвини пакистанските власти дека стојат зад исламистичките напади, а тензиите на границите траат и до ден денес.

Нуклеарен арсенал

Индија со 1,3 милијарди жители е втората најмногубројна земја на светот, а Пакистан се наоѓа на шестото место со 150 милиони жители. Секоја војна претставува голема опасност од остварување на најлошото можно сценарио – двете земји располагаат со нуклеарен арсенал, па евентуалната нуклеарна војна ќе резултира со катастрофални последици по Индија и Пакистан, но и целиот свет.

Иако оружјето на двете земји воопшто не е импресивно кога ќе се спореди со американскиот и рускиот арсенал, сепак и двете земји се добро вооружени за во случај на употреба на нуклеарниот арсенал, речиси сигурно ќе дојде до милионски жртви.

Се проценува дека Индија и Пакистан поседуваат околу стотина нуклеарни боеви глави кои може да бидат поставени на балистички ракети со домет од 2 и пол илјади километри. Тоа значи дека Индија и Пакистан можат да ги погодат најголемите градови, а со оглед на тоа што се соседи и оддалеченоста е мала, предупредување за жителите воопшто и нема да има.

Последни судири

На 14-ти февруари оваа година, бомбаш самоубиец, инаку член на исламистичката организација Џаиш-е-Мохамад, нападна автобус кој превезувал индиски војници и полицајци во Кашмир. Во нападот животот го загубија 44 Индијци, по што властите од Њу Делхи најавија одмазда. Индиската влада набрзо после нападот соопшти дека поседуваат „непобитни докази“ дека за масакрот се одговорни властите од Пакистан, по што започна и дипломатска војна помеѓу двете земји.

Втората фаза од новиот конфликт започна деновиве кога индиското воено воздухопловство изведе превентивни напади на кампови на исламистичката организација Џаиш-е-Мохамад на територијата на Пакистан. Од пакистанската армија потврдија дека индиските авиони навлегле во нивниот воздушен простор, па вториот индиски напад Пакистанците го дочекаа подготвени и соборија два индиски авиони.

Индиските власти подоцна објавија дека и тие собориле еден пакистански „Ф-16“ борбен авион, додека пакистанската армија возвратила со напад со оружје од голем калибар долж границата во Кашмир. На тоа Индијците возвратиле, а со оглед на тоа што двете земји започнаа да ги откажуваат комерцијалните летови, се чини дека во текот на овие денови ќе има нови судири.

Колку ситуацијата е сериозна доволно говори тоа што се активираше моќната американска дипломатија која ги повика двете страни да ја спречат ескалацијата, а Пакистан да ги сопре исламските терористи да извршуваат терористички напади. Може да се претпостави дека наскоро ќе се вклучи и Кина, стариот непријател на Индија која водеше погранчна војна против Индијците во 1962-ра година. Со оглед на традиционално блиските односи помеѓу Пакистан и Кина, најновиот судир би можел да стане сцена за одмерување на силите помеѓу САД и Кина, нешто што дополнително ќе ја искомплицира веќе непредвидливата ситуација.