Што значи за човештвото откритието на НАСА на вода на Месечината?(ВИДЕО)

742
НАСА вчера објави дека пронашле молекули на вода на осветлената страна на Месечината и истакна дека ова е многу важно откритие.

Факт е дека научниците сега пронајдоа траги од H20 во делови од Месечината каде што претходно не ги забележале, и излезе дека вода може да има насекаде – можеби доволно за да се снабди првата човечка населба на Месечината.

Астрофизичарот Пол Хејн и неговите колеги од Универзитетот во Колорадо користеле слики и мерења на температурата од вселенското летало на НАСА „Lunar Reconnaissance Orbiter“ за да ги мапираат ладните региони на Месечината кои се во постојана сенка. Овие места се интересни за научниците бидејќи тие веруваат дека поради не-пробивањето на сончевите зраци, најверојатно ќе има таканаречени „ладни стапици“, односно замрзната вода.

Иако експертите претходно пронашле докази за постоење вода на Месечината, тие верувале дека таа најмногу се наоѓа на темното дно на длабоките мали кратери. Но, Хејн и неговиот тим забележале микро-ладни стапици на осветлениот дел од површината на Месечината, во внатрешноста на огромниот кратер Клавиус (еден од најголемите кратери на Месечината). Овие микро ладни замки се со големина помеѓу милиметар и еден метар, се наоѓаат во трајна сенка и содржат замрзната вода. Тие би можеле да бидат многу подостапни за астронаутите отколку замрзнатата вода што лежи во темните длабочини на помалите кратери.

Експертите проценуваат дека ладните длапки зафаќаат околу 40.000 квадратни километри или, подобро кажано, околу 0,1 процент од површината на Месечината, пишува New Scientist.

“Забележавме милијарди и милијарди ладни длапки во размер што не сме ги виделе порано. Тие се многу подостапни за собирање мраз. Тоа е револуционерно откритие во однос на идните мисии на Месечината”, објасни Хејн.

Посебна студија дополнително потврдила дека мразот повеќе отколку хидроксилот е присутен во овие области, што претходните набљудувања не успеале да ги разликуваат. Геофизичарот Кејси Хонибал и нејзините колеги од Центарот за вселенски летови Годард на НАСА откриле спектрален потпис уникатен само за молекулите на водата со помош на телескопот Sofia, вграден во леталото.

“Водата е клучна за нашите животи, но е скапа за транспорт во вселената. Пронаоѓањето на достапна вода на Месечината значи дека ќе можеме да ги користиме залихите таму, наместо да ги носиме со нас”, рече Хонибал.

Но, откривањето на молекулите на вода на површината на Месечината не значи дека таа тече таму низ водопади или дека е лесно да се собере како да паѓа од лунарните фонтани.

За споредба, Сахара има 100 пати повеќе вода отколку количината што ја откри Sofia на Месечината, според НАСА. Дополнително, сè уште не е познато колку е стабилна водата во оваа форма за долги периоди.

“Астронаутите би можеле да имаат големи потешкотии да извлечат вода на Месечината. На пример, за да наполнат едно шише, можеби ќе треба да преработат илјадници килограми карпи”, рече планетарниот научник од Институтот за истражување во Болдер.

И покрај фактот дека биле откриени мали количини вода, НАСА верува дека ова е важно откритие. Имено, американската вселенска агенција планира да ја испрати првата жена на Месечината до 2024 година, и да ја формира првата постојана база на неа до крајот на оваа деценија.

„Проектот вклучува и употреба на локалните ресурси – особено вода“, изјави за БиБиСи планетарниот научник Хана Сарџент од Отворениот универзитет во Милтон Кинс.

„Ако поставиме база некаде на Месечината, тоа ќе биде таму каде што има вода. Претходно сме биле на Месечината, но ова откритие ни нуди повеќе можности и ја прави уште повозбудливо место“.

Експертите веруваат дека замрзнатата вода може да биде основа на идната економија на Месечината, бидејќи е многу поевтино да се прави ракетно гориво на Месечината отколку да се носи од Земјата. Значи, кога идните истражувачи на Месечината ќе сакаат да се вратат на Земјата или да патуваат на други дестинации, како што е Марс, тие би можеле да ја трансформираат водата во водород и кислород што обично се користат за напојување на вселенските летала.

НАСА планира да испрати луѓе на Марс во 2030-тите и дополнително да ги подобри истражувањата на вселената. Со овие амбициозни планови, многу би значела базата на Месечината, попатна станица каде тие би го напојувале со гориво леталото. Затоа не е изненадувачки што научниците и љубителите на истражувањето на далечната вселена го сметаат откритието на вода на површината на Месечината за големо откритие.