Џон Левел Старкс е роден и израснат во Тулса (Оклахома).
Кошаркарските почетоци ги прави во средното училиште Централ пред да пристапи на универзитетот Роџер Стејт. Таму настанаа проблеми каде Старкс (со уште три соиграчи) беше обвинет за кражба на стерео систем што се испостави дека не е точно па следеше преселба на универзитетот Северна Оклахома.
Во новата средина по добриот старт е суспендиран поради користење на канабис, по што се сели на универзитетот Тулса Јуниор. По добрите игри (конечно) добива шанса за настап за еден од најсилните колеџи во околината, Оклахома Стејт.
И покрај добрата претстава скаутите сметаа дека се работи за играч со “проблематичен карактер” и на драфтот 1988 година останува недрафтуван.
Голден Стејт Вориорс и “CBA” лига (1988-1991)
На почетокот од сезоната ‘88/’89, Џон Старкс добива шанса од Голден Стејт Вориорс каде настапува на 36 натпревари со лимитирана минутажа (играше по само 9 минути во просек по натпревар). Потоа се сели во “CBA” лигата каде настапува Чедар Рапидс Силвер Булитс а потоа во Мемфис Рокетс каде се претстави како еден од најексплозивните млади бекови со сериозен поентерски потенцијал.
Добрите игри во помалата лига го привлече вниманието на скаутите на големиот Њу Јорк Никс кој во летото 1991 година, го покани во својот тренинг камп. При обид да забие преку големиот Петрик Јуинг, Старкс се повреди при што на “Никси” не им беше дозволено да го отпуштат пред да се рехабилитира. Повредата на некој начин му донесе нова шанса. По рехабилитацијата Старкс доби шанса и ја искористи на најдобар можен начин. Остана во тимот каде се задржа цели 8 години.
Њу Јорк Никс (1991-1999)
Во првите три сезони во “Големото јаболко”, Џон Старкс стана миленик на навивачите со својата неисцрпна желба и енергија со која се појавуваше секоја вечер.
Во 1994 година, стана “All-Star” играч а со својот тим стигна до големото финале каде (за жал) загубија во решавачкиот седми натпревар од Хјустон Рокетс.
И покрај тоа што не успеа да ја освои титулата, Старкс со својот тим да ита кон NBA тронот. Иако многупати неговата улога се менуваше, тој беше една во клучните фигури во тимскиот нуклеус. Сезоната 1996-1997 беше исклучително успешна за него кога ја освои наградата за најдобар 6-ти играч (најдобра резерва во NBA).
По долги години на борба и неможноста за враќање во големото финале, управата на “Никси” се реши за промени. Во Јануари 1999 година го испрати Старкс заедно со Тери Камингс и Крис Милс (назад) во Голден Стејт Вориорс а во спротивен правец пристигна Латрел Спривел.
Голден Стејт / Чикаго / Јута (1999-2002)
Во период кога тимот од Оукленд беше далеку од конкурент за тронот, Старкс беше еден од ветераните кој го водеше младиот тим на “Воините”.
Одигра 83 натпревари со просек од околу 14 поени по меч. Во Февруари 2000 година, беше испратен во Чикаго каде одигра само 4 натпревари пред да потпише договор со Јута Џез како слободен играч.
Со “Џезерите” Старкс ги помина своите последни две сезони во лигата. Одигра 141 натпревар и покрај тоа што имаше помала минутажа секогаш придонесуваше со својата енергија и силна одбрана. По завршувањето на сезоната 2001-2002 става крај на професионалната кариера, на 36 годишна возраст.
РЕЗИМЕ
Џон Старкс важи за еден од најдобрите играчи кој имале долга и успешна кариера а притоа не е драфтуван од ниеден NBA тим.
По завршувањето на професионалното играње кошарка стана главен тренер на Вечестер во 2003 година а подоцна се врати на добро познато место, “Медисон Сквер Гарден”. Челниците на Њу Јорк му доверија нова задача и до денес работи како аналитичар и организатор на разни настани со обожавателите на “Никси”. Таму соработува со поранешниот соиграч и голем пријател, Лери Џонсон.
И покрај неговата релативно ниска градба (1.90 цм.) важеше за еден од најсилните дефанзивни бекови во лигата. Навивачите го паметат по заразната енергија, силната одбрана и високиот одраз поради кој често знаеше да направи атракција која ги оставаше без здив присутните во салата.
Неговата истрајност, интензитет и желба за победа го направија миленик на публиката, каде и денес е пречекуван со овации во секоја ситуација кога се наоѓа во најпознатата арена во светот.
NBA FAN
Димитар Младеновски