Просечната плата за мај во Македонија изнесува 28.721,00 денари

109

Во согласност со податоците на Државниот завод за статистика, во мај годинава просечната месечна исплатена нето-плата од вработен изнесува 28.721,00 денар. Во однос на мај 2020 година регистрирано е зголемување од 8,8 % или 2.331,00 денар за една година.

Според Статистика, ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата од вработен во секторите: уметност, забава и рекреација (29,0 %); објекти за сместување и сервисни дејности со храна (28,7 %) и други услужни дејности (14,4 %).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата од вработен во однос на претходниот месец е забележано во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (7,0 %); снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (5,5 %) и снабдување со вода; отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (5,3 %).

Топ-3 сектори со највисока просечна исплатена нето-плата од вработен во државата се: информации и комуникации; финансиски дејност и дејности на осигурување, како и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Од Владата велат дека податоците на Државниот завод за статистика го потврдуваат трендот на раст на платите, кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата.

„Доколку последниот податок го споредиме со јуни 2017 година кога просечната плата била 22.808,00 денари, разликата е 5.913,00 денари или тоа е раст од 25,93 %. Ако, пак, ја земеме просечната плата од јуни 2017 година и ја споредиме со јули 2013 година кога изнесувала 21.013,00 денари, согледуваме дека растот на платата бил 1.795,00 денари или раст од само 8,54 %. Посветени сме на реализација на стапките на економски раст од 4-5 % и покачување на платите за 20 до 30 %, сѐ со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата“, велат од Владата.