Правото на социјална пензија од 6.000 денари ќе важи од почетокот на годинава

407

Право на шест илјади денари социјална пензија и на уште една илјадарка во грејната сезона и тоа почнувајуќи од 1 јануари годинава, ќе добијат околу 6.000 постари жители на Република Македонија кои не успеале да остварат право на старосна пензија, а немаат никакви други приходи.

Предлог-законот за социјална сигурност за стари лица со кој е предвидено ова право е влезен во Собранието и чека ред кај пратенците за прво читање.

Но, исплатата на средствата може да се оддолжи повеќе месеци, особено затоа што е оставен простор неопходниот правилник да се донесе во рок од три месеци по неговото стапување во сила. Како и да е, во последниот член од Предлог-законот стои дека влегувањето во сила е осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник#, а примената од 1 јануари 2019 година.

Според предложениот закон, право на популарно наречената социјална пензија имаат државјани на Република Македонија со навршени 65 години возраст, кои во последните 15 години имаат постојано место на живеење во државата, немаат имот и имотни права од кои можат да се издржуваат, не се корисници на пензија од Република Македонија или вид на исплата по основ на старост, инвалидност или доживување од друга држава, не остваруваат приходи и имаат пријавен пензиски стаж во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, или стаж на осигурување во траење помалку од 15 години.

Но, во заедниците во кои во брак или вонбрачно живеат две лица кои ги исполнуваат овие услови, социјална пензија ќе може да добие само едно од нив.