Поради загадувањето на воздухот властите со препораки да не се излегува надвор без потреба

211

Загадувањето на воздухот во изминатите два дена во поголемиот дел на Скопје како и во други градови го надмина дозволениот праг. Властите поради ваквата состојба издадоа само препораки до граѓаните меѓу кои се користење јавен превоз, правилно користење на печките за дрва и ограничено движење на отворен простор на децата, старите и хронично болните лица.

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух, прагот на информирање за ПМ10 честички во минатите два дена е надминат на мерните места Скопје – Бутел, Центар, Карпош и Ректорат, Кичево, Куманово, Миладиновци, Струмица, Битола 1, Тетово и Кавадарци.

„Министерството за животна средина и просторно планирање во координација со Интерсекторската работна група за воздух во случај на надминување на прагот на информирање за ПМ10 ги дава следниве препораки: да се користи јавниот превоз, возила да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал и правилно да се користат печките за дрва“, се наведува во соопштението на Министерството.

Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на РМ, пак, препорачуваат ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.

Од страна на МЖСПП, исто така, е доставена информација за надминување на прагот на загадување до Институтот за јавно здравје, Државниот инспекторат за животна средина, Град Скопје и единиците за локална самоуправа каде има епизода на алармантно загадување на воздухот.