NBA со Димитар Младеновски-Нова возбудлива кошаркарска ноќ

278

Уште една бурна и исклучително интересна кошаркарска вечер.По петочниот двобој во Портланд помеѓу Блејзерси и Мавси, следуваше реванш во Тексас. Овој пат Лука Дончич беше триумфален носејќи домашна победа на Далас од неверојатни 40 поени разлика (132-92). Маверикс го разнесоa противникот. Доминираа во текот на целиот натпревар. Словенскиот суперстар мечот го заврши со 37 поени и 7 асистенции, а во чекор го следеше Џош Ричардсон со 21 постигнат поен.Бруклин Нетс ја продолжува победничката серија. На домашен терен го поразија Вашингтон Визардс, во меч на кој дебитираше нивниот новоангажиран адут – Блејк Грифин. Конечни 113-106 за “мрежичките”. Клучен за победата повторно беше бековскиот дует сочинет од Кајри Ирвинг и Џејмс Харден кој постигнаа 28 и 26 поени.Уште еден тим кој сезонава има рапиден напредок е тимот на Феникс Санс. Синоќа “сонцата” остварија убедлива победа на актуелниот шампион Лос Анџелес Лејкерс (конечни 111-94). Крис Пол влезе во елитно друштво. Стана шестиот играч во NBA историјата кој реализирал повеќе од 10.000 асистенции во кариерата. Мечот го заврши со трипл-дабл ефект (11 поени, 10 скокови и 13 асистенции). Импресионираше младиот центар ДиАндре Ејтон со 26 поени, исто како и првиот играч на тимот од Аризона, Девин Букер кој постигна идентични 26. Лејкерси настапија без Ентони Дејвис кој го пропушти 16-от натпревар по ред како и без Леброн Џејмс за кого првичните информации се дека ке отсуствува од терените минимум 6 недели поради повредата на скочниот зглоб.“Медисон Сквер Гарден” во Њу Јорк, по којзнае кој пат беше местото каде се случуваше вистинска драма до самиот финиш. Регуларниот дел од натпреварот не беше доволен за да се дознае победникот помеѓу домашните “никси” и првопласираната Филаделфија. Џулиус Рендл со тројка успеа да изнуди продолжение од 5 минути, но токму во него “сиксерси” имаа повеќе среќа и го скршија отпорот на противникот. Конечни 101-100, најмногу благодарејќи на шутерот Шејк Милтон кој беше прв стрелец со 21 реализиран поен. Милтон во чекор беше следен од Тобајас Херис (20 поени) и Бен Симонс (16 поени).

NBA FAN

Димитар Младеновски