NBA колумна на Димитар Младеновски-Харден го уништува својот тим

767

Тимот на Хјустон Рокитс сезоната ја почна со големи проблеми. Најголема причина е она што се случуваше во паузата помеѓу ланското и овогодинешното првенство. Нивната прва ѕвезда, Џејмс Харден, (јавно) бараше да биде разменет во друг тим. Управата на тимот од Тексас не одговори позитивно на неговата желба.

По двата пораза по ред од Лос Анџелес Лејкерс, Харден на виртуелната прес-конференција, се пожали од квалитетот што го поседува тимот. Со тоа уште еднаш испрати порака дека сака да си оди. Неговата незаинтересираност за време на натпреварите и “бледата” претстава која ја пружа само дополнително ги отежнуваат работите на челниците на тимот.

“Едноставно не сме доволно добри. Го сакам овој град и правам се што е во моја моќ, но ова е потполно луда ситуација. Се обидувам да поправам нешто непоправливо“, изјави Харден.Неговите зборови не му се допаднаа на првиот плејмејкер на тимот, штотуку ангажираниот, Џон Вол. Неговиот нов соиграч, видно изиритиран од пристапот на Харден на теренот го изјави следното.

“Сите овде сакаат да се натпреваруваат на највисоко ниво. Го зборував ова и порано, кога цел тим работи и со заеднички сили се бори да победи, се ќе дојде на свое место. Но, кога има момци кои не сакаат да се однесуваат како дел од колективот, тогаш е многу тешко.

Играв за такви екипи каде фокусот е на поединци, а не на заедницата и тоа боли. Одигравме девет натпревари, а ти сакаш да скокнеш од бродот? Дај човеку, пред нас има уште многу кошарка оваа сезона“, одговори Вол.Хјустон Рокитс има само три победи во досегашните девет натпревари и се наоѓа на претпоследната позиција на табелата во Западната конференција. По силниот старт на “брадата” во премиерните мечеви сезонава, следуваше страшен пад во неговата игра. Со оглед на лошата физичка кондиција на Харден, за очекување е очајнички обид на челниците на тимот да го разменат во друг клуб. За жал, неговата незаинтересираност го прави се помалку посакуван за NBA фаворитите.

NBA FAN

Димитар Младеновски