Сакраменто Кингс штотуку стана многу посилен тим. Рано утрово, “кралевите” го ангажираа еден од најдобрите поентери во последната деценија. Демар Дерозан е новиот адут на “кралството” од Калифорнија.
Дерозан пристигнува од Чикаго а во размената беше вклучен и трет тим, Сан Антонио Спарс. Кај “булси” пристигнува Доминиканскиот репрезентативец Крис Дурате како и два идни избора на драфтот а од овој “дил” во Тексас се сели ветеранот Херисон Барнс. Откако стана јасно дека управата на Чикаго нема намера да го продолжи договорот со 6-кратниот “Аll-Star”, Сакраменто ја искористи шансата да го доведе во своите редови. Популарниот “Ди-Бо” цо наредните 3 години ќе заработи 74 милиони долари. Се приклучува на исклучително возбудлив состав во кој веќе се молневито брзиот ДиЕрон Фокс како и еден од најстандардните играчи во лигата, центарот Домантас Сабонис.
Дерозан лани постигнуваше над 24 поени по натпревар. Роден е во Комптон (Калифорнија) и ова за него е (еден вид) враќање во родната средина. Долги години наназад тимот на Лос Анџелес Лејкерс го изразуваше својот интерес да го доведе во своите редови. На крајот, заврши кај нивниот сосед. Важи за еден од најдобрите поентери во NBA. Има непроценливо искуство од цели 15 сезони зад него и претставува еден од најладнокрвните играчи кога натпреварот се решава. Во досегашната кариера настапуваше за Торонто Репторс, Сан Антонио Спарс и Чикаго Булс.
Одличен потег на управата на “кралевите” за радост на навивачите од главниот град на Калифорнија.
NBA FAN
Димитар Младеновски