NBA-Чикаго пред ангажман на најдобриот дефанзивен центар

594

Пред стручниот шраб на Јута Џез се големи предизвици и активен летен период.

По заминувањето на тренерот Квин Снајдер, почнаа да се шират разни информации по медиумите околу следниот кој би бил на излезна врата од Солт Лејк Сити. “Џезерите” ќе мора да одлучат што ќе се случува со нивните двајца најдобри играчи, трикратниот одбранбен играч на годината Руди Гоберт и динамичниот бек Донован Мичел.

Според “Bleacher Report”, за францускиот центар се заинтересирани повеќе тимови а сега доаѓа и конкретна понуда. Тимот на Чикаго Булс би можел да биде нова дестинација на Гоберт.

Секој евентуален договор што ќе го постигне Јута со Чикаго, речиси сигурно ќе го вклучи Никола Вучевич, двократниот All-Star центар на Чикаго што го доби од Орландо Меџик пред истекот на преодниот рок во 2021 година. Договорот на црногорскиот центар ќе истече на крајот на сезоната 2022-2023, а раководството на “биковите” треба итно да реагира. Освен Вучевич, Јута во пакет би го добила и младиот Патрик Вилијамс кој го посакуваат уште од неговите средношколски денови.

Подготвеноста на Чикаго да се раздели со Вучевич е повеќе од јасна а за Вилијамс останува да се види. “Биковите” одбија да го вклучат младиот Вилијамс во прелиминарните разговори со Детроит Пистонс за да го добијат Џерами Грант во Февруари годинава. Како опција се трејдување на Коби Уајт и Џавонте Грин а останува да се види одговорот од страна на Солт Лејк Сити.

За “џезерите” да се решат да го преселат Гоберт, секоj пакет кој би го добиле за возврат ќе треба да биде насочен кон преобликување на Јута за да напредува понатаму во постсезоната. Според најавите, раководството на Јута нема намера да стои во место. Во последните шест години се пласираа во плеј-офот и ниеднаш не успеаа да стигнат до големото финале.

NBA FAN
Димитар Младеновски