Жените кои што го организираа протестот во Истанбул соопштија дека нивните пароли и скандирања биле составен дел од протестите и не биле насочени против повиците на молитва.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини учесничките на собирот кој беше одржан минатиот петок за време на Денот на жената, за навредување на Исламот, затоа што го исмеале повикот на молитва од околната џамија.
Неколку илјади жени се собраа во петокот на вечер во централното градско подрачје на Истанбул на протест по повод Меѓународниот ден на жената, меѓутоа полицијата ги растера со употреба на солзавец и кучиња.

На предизборниот собир кој што вчера го пренесуваше турската државна телевизија, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган прикажа видео снимка од тој протест на кој можеа да се слушнат скандирањата на жените додека од џамијата во близина се повикуваа верниците на молитва.
„Тие со нивните слогани, исмејување и исвиркување искажаа непочитување кон повикот на молитва“, порача Ердоган.
Од друга страна, ктивистките за правата на жените го обвинуваат претседателот Реџеп Таип Ердоган и турската влада дека не прават доволно во борбата против насилството над жените. Во 2018-та година во Турција биле убиени 440 жени, а во 2012-та година 210, објави турската организација „Да го сопреме феминицидот“.
Инаку, турската полиција редовно спречува протести во Истанбул, посебно оние кои што се насочени против претседателот на државата.