Според некои прашања, се смета за уште порадикален десничар од неговиот поранешен шеф.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја загуби работата.
Дванаесет години успешно се одржувал на власт, избегнувал обиди за смена и се бранел од судења за корупција.
Но, сега една неспоива група на политички ривали – од ултранационалисти до арапски Исламисти – се собрала со една заедничка цел: конечно да го отстранат “Кралот Биби”, како што е премиерот познат, од власт.
Две лица ќе се менуваат на местото премиер на по две години.
Во недела, на 13-ти јуни, прв должноста ја преземал поранешниот сојузник на Нетанјаху, Нафтали Бенет. Потоа ќе го наследи неговиот коалициски партнер Јаир Лапид.
Кога прв пат влегол во политиката, Нафтали Бенет бил колега на Бенјамин Нетанјаху – негов штитеник. Служел како советник на Нетанјаху, негов висок соработник и шеф на протокол.
Исто така во неодамнешните влади на Нетанјаху ги водел министерствата за образование и одбрана. Идеолошки е многу поблизок со премиерот отколку со партнерите во коалицијата. Како и Нетанјаху, тој е десничар, и како што вели “горд е на тоа”.
Според некои прашања, се смета за уште порадикален десничар од неговиот поранешен шеф – а тој се согласува со тоа.
Неодамна за “Times of Israel” изјавил:
“Јас сум поголем десничар од Биби, но не ги користам омразата и поларизацијата како средства”.
Се противи на палестинска држава
Бенет е гласен приврзаник на еврејските населби на Западниот брег и во источен Ерусалим, што било повод за нови судири меѓу Израелците и Палестинците.
Како прво, отворено ја одбива идејата за независна палестинска држава на Западниот брег и во Газа.
“Не би им дал повеќе ни центиметар на Арапите”, изјавил тој во 2018-та година.
“Мораме да се откажеме од идејата дека ако им дадеме поголема територија, светот ќе не сака повеќе”.
Тој исто така е голем заговорник на населување на Евреи на окупираниот Западен брег.
Пред да влезе во политиката во раните 2000-ти години, овој син на имигрант од Сан Франциско заработил милиони работејќи во технолошката индустрија.
Оформил старт-ап во 1999-та година и на крајот ја продал сопствената компанија за софтвер за 145 милиони долари.
Сега е лидер на десничарската партија Јемина – која, и покрај тоа што на последните избори била дури петта и освоила само седум пратенички места, станала неочекуван лидер.
Бенет и Нетанхају – од сојузници до ривали
И покрај нивната долгогодишна соработка, Нетанјаху и Бенет повеќе не се сојузници.
Ова е прв пат Бенет официјално да му се спротивстави на поранешниот ментор – а Нетанјаху тоа не го поднел најдобро.
Како некој што зборува течно англиски и добро се снаоѓа во медиумите, често пати се појавува на странски ТВ мрежи, бранејќи ги постапките на Израел.
Во една домашна телевизиска дебата, еднаш прекорил израелски арапски пратеник:
“Додека вие уште висевте по гранки, ние тука имавме еврејска држава”, изјавил тој.