За полесно да работите во Германија со новиот закон – дознајте што се подразбира под стручно лице

183

Oд први март, во Германија стапи на сила новиот закон за имиграција на стручен персонал. Новиот закон ќе ги прошири веќе постојните одредби за имиграција, кои важат првенствено за лица со професионални или академски квалификации.

Важно е дека високото образование или професионалните квалификации мора претходно да бидат признати во Германија. Според новиот закон за имиграција, првиот чекор е да се аплицира за признавање (нострификација) на квалификација во Германија. Доколку се издаде потврда за признавање, следниот чекор е да аплицирате за виза.

Имајќи ги предвид написите за овој закон во македонските медиуми, германскиот амбасадор Томас Герберих почувствува потреба да дообјасни што значи всушност овој закон и за какво олеснување станува збор.

Имено, во своето видео-обраќање вчера, тој објасни дека забрзаната постапка за добивање работна виза за Германија е можна само со признаена квалификација од германските надлежни служби и конкретна понуда за работно место од германски работодавач.

Германија при вработување прави разлика помеѓу вработување како стручно лице и други вработувања.

„Има разлика меѓу стручно лице со завршено стручно образование и стручно лице со академско образование. Образованијата во странство мора да бидат признати во Германија. Стручни лица со стручно образование мора да имаат завршено квалификувана средно стручно образование, за кое според германското право се предвидува времетраење на образовниот процес од најмалку две години. Стручни лица со академско образование мора да докажат дека завршиле високо образование. Стручни лица смеат да извршуваат само квалификувана дејност,“ стои во објаснувањето.

Пред почнување со работа врз основа на вработување, потребна Ви е дозвола за престој, која Ви дозволува извршување на работната дејност. Пред влез во Германија мора да поднесете барање за виза кај германското претставништво (амбасада или генерален конзулат), кое е надлежно за Вас. Најчесто, визата може да се додели само ако претходно Сојузната агенција за вработување дала дозвола. Доколку веќе сте престојувале во Германија, Управата за странци во Вашето идно место на живеење мора исто така да даде согласност. Вообичаено, надлежното германско претставништво ги обезбедува овие согласности. Ако се исполнети сите услови, добивате национална виза со важност од шест месеци. За време на важноста на оваа виза, мора да поднесете барање за престој кај Управата за странци.

Кои услови мора да ги исполнувате како стручно лице?

Како стручно лице може да добиете дозвола за престој за работа ако:

-Вашата странска квалификација е призната* во Германија;

-Веќе сте добиле конкретна понуда за работно место. Во врска со тоа, замолете го Вашиот иден работодавач да го пополни образецот „Образложение за работниот однос„ (Erklärung zum Beschäftigungsverhältnis);

-Веќе сте ја добиле дозволата за извршување на Вашата професија (или таа Ви е гарантирана), доколку сакате да работите во таканаречената професија одредена според прописи (на пример, здравство);

Ги исполнувате општите услови во врска со правото за странци, на пример, важечки пасош, сигурна издршка, итн.

Барањето за виза треба да се поднесе дури тогаш, кога ќе ги исполните сите услови и може да поднесете комплетна документација. Ако Вашата странска квалификација сѐ уште не е призната, Вашето барање за виза не може да се обработи.

*Ако сте завршиле средно стручно образование или високо образование во Германија, тогаш не Ви е потребно признавање на Вашето образование. Различни институции се надлежни за признавањето на странски квалификации. Поопширни информации може да најдете на:

– www.make-it-in-germany.com
– www.Anerkennung-in-Deutschland.de
– Телефон на тема „Работење и живеење во Германија“: +49 30 1815 – 1111
– Централа за образованието во странство

Ако поседувате високо образование и сакате да работите во професија што не е уредена со прописи, може да е доволно ако Вашето високо образование е наведено во банката на податоци Анабин. Поопширни информации може да најдете овде: https://anabin.kmk.org/anabin.html.

**Во иднина може да го симнете образецот овде. Работниот однос во Германија мора да им подлежи на законите за социјално осигурување.

***Информации за професиите уредени со прописи може да се најдат на линкот www.anerkennung-in-deutschland.de. Институците кои ги издаваат дозволите за извршување на професијата, одлучуваат, исто така, и за признавањето на Вашата квалификација.

Извор/Германска амбасада