Сестрата на контроверзниот принц наредила на телохранител да претепа работник: “Убиј го тоа куче”

140

Додека за принцот на Саудиска Арабија често се пишува како за моќник кој е подготвен на се, а постои сомнение и дека го наредил убиството на новинарот Џамал Кашоги, за неговата сестра малку се знае. Меѓутоа, скандалите не и се непознати ни на неа, а пред неколку години дошла во центарот на вниманието на јавноста кога се појавила веста дека на својот телохранител му наредила да претепа еден работник и да го натера да и бакнува стапалата. Случајот завршил на судење, а таа негирала дека тоа се случило.

Принцезата Хаса бин Салман, сестра на престолонаследникот Мохамед бин Салман и ќерка на кралот на Саудиска Арабија, Салман, негирала дека му наредила не телохранителот да го претепа декораторот во нејзиниот луксузен апартман во Париз.

Таа била обвинета дека му наредила на својот телохранител, Рани Саиди, кој исто така е обвинет, да го претепа работникот Ашраф Еид, откако бил виден како го фотографира нејзиниот дом во септември 2016-та.

Еид, кој работел во луксузниот станбен блок, бил повикан да го поправи оштетениот базен, а на инспекторите им рекол дека фотографиите ги направил бидејќи му биле потребни за работа.

Принцезата, која не била присутна на судењето, наводно се сомневала дека работникот планирал да ги продаде фотографиите од нејзиниот апартман во луксузната авенија, која долго време е омилена дестинација за странските милионери во западен Париз.

Декораторот Еид, кој исто така не бил присутен на суд, рекол дека го врзале и го принудиле да и ги бакне стапалата на принцезата. Тој додал дека бил претепан и дека му бил одземен алатот.

Во изјавата која ја дал за едно француско списание раскажал дека принцезата барала да го убијат.

“Убиј го тоа куче, не заслужува да живее”, наводно рекла принцезата.

Телохранителот Саиди, кој ја следи принцезата на патувањата по Европа и САД, бил единствен присутен на првото сослушување, окружен со своето семејство.

“Слушнав дека принцезата плаче и бара помош, а потоа видов дека држи телефон. Го зграбив и го соборив, не знаев која беше неговата намера. За 12 години работа, сум видел слични работи”, рекол телохранителот на сослушувањето.

Принцезата е обвинета за соучество во вооружено насилство, соучесништво во држење на некој против своја волја и кражба.

За нејзиното апсење била издадена потерница во Франција во декември 2017-та година. Засега не е познато каде таа се наоѓа.

За принцезата Хаса малку се знае. Се верува дека има 40-тина години, а државните медиуми во Саудиска Арабија ја фалат поради хуманитарната работа и кампањите за правата на жените.

Од друга страна, нејзиниот брат, престолонаследникот, е често на насловните страни на медиумите. Принцот Мохамед ја подгреал надежта со големите социјални и економски реформи кога станал крунски принц во 2017-та година. Меѓутоа, неговата репутација била нарушена по убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во конзулатот во Истанбул минатата година.

loading...