Израел и Обединетите Арапски Емирати со посредство на САД постигнаа историски договор кој ќе доведе до целосна нормализација на дипломатските односи помеѓу двете земји.
Во заедничката изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и престолонаследникот на Абу Даби, Мохамед Ал Најхан стои дека земјите се надеваат дека овој „историски пресврт ќе придонесе за воспоставувањето на мирот на Блискиот исток“.
Според договорот, Израел ги суспендираше плановите за припојување на голем дел од Западниот брег. Израел досега немаше дипломатски односи со заливските земји, но до преговорите дојде поради заедничката загриженост од јакнењето на иранското влијание во регионот.
Договорот е плод на долгите преговори помеѓу Израел, ОАЕ и САД кои во последниот период беа забрзани, а беше заклучен синоќа во телефонскиот разговор на Трамп, Нетанјаху и шеикот Бин Зајед.
„Голем пресврт денес. Историски мировен договор помеѓу нашите два големи пријатели, Израел и Обединетите Арапски Емирати“, напиша Трамп на Твитер.
Во заедничкото соопштение на трите земји е наведено дека „тројцата челници договориле целосна нормализација на односите помеѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати“.
„Историскиот дипломатски пресврт ќе придонесе за мир на Блискиот исток и тоа е доказ на една смела дипломатија и визија на тројцата челници, како и храброста на ОАЕ и Израел да зацртаат нов пат кој ќе ослободи голем потенцијал во регионот“, стои во соопштението.
Властите на двете земји ќе се состанат во следниот период за да потпишат билатерални договори за туризмот, воспоставување на директни воздушни линии помеѓу двете земји, безбедност, телекомуникации и отворање на амбасади.
Исто така, во заедничкото соопштение беше наведено дека ОАЕ и Израел ќе ја прошират и забрзаат соработката во лекувањето и развојот на вакцината за новиот коронавирус.