РЕТРО NBA-Како алкохолизмот и депресијата го доведоа Вин Бејкер до бездната (ВИДЕО)

769

Роден на 23 Ноември 1971 година, во Лејк Вејлс (Флорида), Винсент Ламонт Бејкер своето детство го помина во Конектикат.
Започнува со активно играње кошарка при крајот на средношколските денови и од тие причини е заобиколен од големите универзитети. Завршува на (малиот) Харфорд колеџ каде по скромниот почеток, експлодира на кошаркарската сцена.

Постигнуваше просечни 28 поени (втор во државата) и 10 скокови. Неговиот дрес е повлечен од страна на универзитетот во чест на неговата сјајна игра во четирите години кој ги помина таму. Иако беше висок цели 211 цм. со што слободно би можел да игра на центарската позиција, Бејкер поседуваше атипична брзина, квалитетно водење на топката и мек шут што го правеше посебно тежок за противничките одбрани.

На драфтот 1993-та година, е избран како 8-ми пик од страна на Милвоки Бакс.


Милвоки Бакс (1993-1997)

“Елените” важеа за млад и талентиран тим кој го очекува светла иднина.
Во дуо со првиот пик (од следниот драфт во 1994-та година) Глен Робинсон, го сочинуваа еден од најперспективните млади крилни тандеми во ’90-тите.
Во првите четири професионални сезони, Бејкер три пати беше “All-Star” играч и со сигурни и јасни чекори се доближуваше на елитните крилни играчи во лигата.

Во сите четири сезони во кој го носеше дресот на “елените”, Бејкер бележеше напредок во играта и пропушти само 4 натпревари во првите 4 години. За жал, на тимско поле резултатот изостана а навивачите во “Бредли” центарот не се радуваа на “плејоф” пласман. По крајот на сезоната 1996-1997, Бејкер очекуваше нов богат договор а се појасно стануваше дека тимот од Висконсин не е спремен да ги задоволи неговите апетити. По негови зборови, во овој период (за прв пат) му се појавила и една нова желба и потреба, ноќните клубови и алкохолот.

Потребата од сигурен, искусен и спремен организатор на играта ја наведе управата на Милвоки да трага по плејмејкер ветеран.
Од горенаведените причини, на само еден месец пред да започне натпреварувачката ‘97/’98-ма, Милвоки Бакс се одлучија за трампа. На 25 Септември 1997-ма година, Бејкер го пратија во Сиетл, Шон Кемп заврши во Кливленд а од Охајо во Милвоки пристигна “All Star” плејмејкерот Тајрел Брендон.

Сиетл Супер Соникс (1997-2003)

Иако беше топло пречекан од навивачите, тие сеуште беа гневни на управата бидејќи тимот не го задржа нивниот миленик Шон Кемп кој беше директно вклучен во трампата која го доведе Бејкер во Сиетл. Набрзо, сите во “Ки” арената беа воодушевени од новото крило на “Соникси”.

Со лидерот на тимот, Гери Пејтон одлично се сложуваат а Сиетл е првопласиран тим во NBA.
Бејкер е повторно “All-Star” но, тимот не успева во својата намера да се врати во големото финале. Се почесто се споменуваше дека Бејкер делува незаинтересирано на тренинзите и дека има промена во расположението. “Соничните” почнаа да се грижат за менталниот стадиум на својот играч. Малкумина може да помислат дека тие знаци кој се појавија тогаш ќе го доведат до речиси безизлезна ситуација.

Патот кон бездната беше предвидлив. Почнав со по некоја чашка откако ќе завршеше натпреварот па продолжив со се почесто пиење. Речиси секојдневно бев под дејство на алкохол. Со текот на времето, приметив дека играм подобро кога редовно пијам (или така барем јас мислев). Почнав да пијам и пред натпреварите. Набрзо пиев секој ден бидејќи ми пречеше мамурлакот и процесот на отрезнување. Станав класичен алкохоличар – Вин Бејкер (Јуни 2013 год.)

Иако се повеќе кружеа информации за зависноста со кој се соочува, Бејкер релативно успешно го криеше својот голем проблем. И покрај константите амплитуди во играта, беше избран да ја претставува својата земја на Олимпските игри во Сиднеј (Австралија) во 2000-та година каде се закити со златниот медал. Набрзо, на 28 годишна возраст следуваше драстична разлика во неговата игра, однесување и поведение.

Почнаа да се појавуваат првите знаци на неволја.
Во сезоната 2002-2001, Бејкер имаше видливо поголем број на килограми од претходно и неговата минутажа беше драстично намалена. Веќе наредната година (2002) по добриот старт повторно се појавија проблеми. Најпрво дојдоа ситни повреди а потоа пристигнаа информации дека “Вини” на тренинзите се појавува во “невообичаено” издание. Соиграчите приметуваа дека Бејкер речиси секојдневно мириса на алкохол а проблемот ескалираше кога на полувремето од натпреварите место вода почнува да пие “Бакарди”. Летото 2002-ра, на управата на клубот веќе и дојде “преку глава” и го испрати поранешниот “All-Star” во Бостон.

Бостон / Њу Јорк / Хјустон / Лос Анџелес Клиперс (2003-2006)

Преселбата и промената на средината не донесе ништо добро, напротив. Во тимот од Масачусец, Бејкер беше бледа сенка од она што порано го правеше еден од најпосакуваните крила во NBA.
Веќе беше повеќе од јасно дека Бејкер има сериозни проблеми. Најпрво дојде информација дека за една вечер во Лас Вегас изгубил 1 милион долари. Потоа дека високото крило секојдневно пие “листерин” (54% алкохол) и по само 37 натпревари за “Селтикси” во 2004-та година се сели во Њу Јорк.

Во “Големото јаболко” одигра само 41 натпревар во рок од две години со мизерен просек по што беше јасно дека се ближи крајот. Во 2005-та година, одигра 3 натпревари за Хјустон и 8 за Лос Анџелес Клиперс. Се обидува да избори место во тимот на Минесота Тимбервулвс но, по само 6 настапи и слабото издание во предсезоната е отпуштен. Става крај на професионалната кариера во 2006-та година по 13 сезони поминати на професионално ниво, на 34 годишна возраст.

По заминувањето од Сиетл, Бејкер постигна вкупно 863 поени што претставува многу помалку од бројот на поени кој го постигна само во својата дебитантска сезона со Милвоки Бакс.

Банкрот и враќање во нормала

По завршувањето на професионалното играње кошарка, испливаа информации за катастрофалната состојба на некогашната гордост на Конектикат.
На 19-ти Јуни 2007 година Бејкер беше уапсен за возење под дејство на алкохол. Во 2008 година неговиот дом во Дурам (Конектикат) беше ставен на кауција поради финансиската криза во која западна поранешната голема NBA ѕвезда. Бејкер кој заработи околу 100 милиони долари во своите играчки денови, банкротираше и се бореше со зависноста од алкохол и депресијата која му ја уништи кариерата.

По години поминати во рехабилитација и самоподобрување, во Октомври 2011 година изјави дека конечно почнал да живее на правилен начин.
Од 2013 до 2015 година работеше како спортски коментатор и аналитичар а потоа стигнаа прекрасни вести. Тимот кој го драфтуваше во NBA, Милвоки Бакс му понуди место во тимот. Бејкер беше задолжен за работа со младите играчи, пренесувајќи го неговото непроценливо искуство, прераскажувајќи ги тешките препреки кој ги надмина. Во 2019 година стана помошник тренер на тимот кој му ја овозможи шанса да заигра на големата сцена.
Во 2021 година со Милвоки Бакс ја освои титулата. И денес е дел од стручниот штаб на “Бакси”.

Секогаш е убаво и охрабрувачки да се слушне како одредена личност успеала да излезе на крај со своите проблеми. Вин Бејкер долго време се бореше против своите демони и на крајот (конечно) докажа дека е многу посилен од нив.

NBA FAN
Димитар Младеновски