ПРОДАВАМ ЉУБОВ, ОД ОНАА ВИСТИНСКАТА. ЦЕНАТА Е ИСКРЕНОСТА. ДОКОЛКУ СИ СИРОМАШЕН СО ИСКРЕНОСТ, ЗАМИНИ

96

Верувале или не, се уште имам на залиха од онаа вистинската љубов, ја чувам во скриено ќоше од срцето. Ја чувам себично, искрено, за некој што несебично ќе ме сака, за некој што искрено ќе сака да ја купи по добра цена. Продавам љубов, од онаа вистинската. Цената е искреноста. Доколку си сиромашен со искреност, замини. Не ми требаат лаги. Научив дека кога љубовта ја продавам за лаги, се троши побрзо. Затоа замини и барај ефтина тезга. Некоја што ќе ти продаде љубов за неколку лажни емоции, некоја што ќе поверува на бездушното те сакам, кажано во небрано.

Продавам љубов, од онаа вистинската. Цената е слободата. Доколку си научен да врзуваш луѓе за себе, замини. Доколку сакаш да знаеш каде сум, со кого сум и што правам постојано, не ми требаш. Јас си ја сакам слободата. Колку повеќе ме прилепуваш кон себе, толку повеќе се одлепувам од тебе. Колку повеќе ме заробуваш, толку повеќе копнеам за слободата, и како птица во кафез, при првата прилика, ќе одлетам. Затоа замини. Барај тезга која продава љубо, по цена на заробеништво. Продавам љубов, од онаа вистинската. Цената е чувствителноста. Доколку си ладнокрвен, замини. Не се поднесуваат два карактери долго. Мене ми треба некој што ќе ми го одмрзни срцето, а не човек кој ќе ме скрши, бидејќи верувај, мразот лесно се крши, доволен е еден удар за да пукне. Затоа замини, не сакам да пукнам, кога ќе се распрснам на парчиња, може да те исечам. Барај ја на друга тезга бесчувствителноста, мене ми требаат чувства, долго време ги немам.

Продавам љубов, од онаа вистинската. Цената е дарежливоста. Доколку си скржав, замини. Себичен не ми треба, сум имала. Ми треба некој што ќе ми даде нешто, кога од него нема да побарам ништо. Ми треба некој што ќе ми дава љубов без страв дека ќе ја потроши. Се плашиш ли? Ми треба некој што ќе ме купи со искреност, слобода, чувствителност и ќе ми даде дури и повеќе од потребно. Ми треба некој што ќе ми ја побара цела љубов, ми треба искра. Кога ќе ја видам во твоите очи таа искра која ветува, ќе ти ја дадам љубовта без цена, на ризик дека ќе ми ја вратиш кога ќе имаш. Ќе ти дадам љубов на вересија, по договор! Јас ќе ти продадам љубов денес на доверба, а ти ќе ја купуваш секој ден, оправдувајќи ја.

loading...