Поевтин роаминг меѓу Македонија и Република Грција

309
Поевтин роаминг меѓу Република Северна Македонија и Република Грција (ДПЛ)

Скопје, 19 февруари 2019 (МИА) – Поевтин роаминг меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, а во делот на податочниот сообраќај уште во летната сезона, најавија денеска ресорните министрите на двете држави Дамјан Манчевски и Никос Папас по потпишување Меморандум за разбирање.

– Се согласивме дека максималните цени на роаминг услугите треба да се намалат до нивото на оние цени што се менуваат во ЕУ. Со меморандумот се предивидува динамично намалување на големопродажните и малопродажните цени во роаминг услугите со цел да дојдат на ниво како што важат и во ЕУ пред да се воведе принципот роаминг како дома, рече Манчевски на прес-конференција во Владата.

Меморандумот е прва билатерална активност по потпишувањето на Договорот од Преспа, а во иднина како што најавија Манчевски и Папас, ќе следат билатерални договори во уште многу области со конкретни придобивки за граѓаните.

Регулаторните телекомуникациски агенции во наредните два месеца треба да ги известат министерствата за конкретните чекори доколку се потребни одредени измени на законската регулатива.

– Ќе се обидеме до крајот на мај и почетокот на јуни да ги имаме првите резултати. Целта е ова лето граѓаните да почувствуваат конкретни резултати особено во делот на интернетот. Динамиката што ја утврдивме за целосното укинување на цените во роамингот иако во меморандумот оставивме малку повеќе простор, ќе сакаме сепак да се изедначи со динамиката што ја имаме со останатите земји од Западен Балкан, што значи до 2021 година, рече Манчевски.

Следниот чекор, појасни, е целосно укинување на роамингот, веќе одредивме и  динимика со која сакаме пред почетокот на туристичката сезона да имаме намалување на цените на податочниот собраќај со што ќе им овозможи на граѓаните сега од ова  лето граѓаните да можат да ги почувствуваат.

Искуството од склучената спогодба со Србија, Црна Гора и БиХ  покажува дека овие мерки придонесуваат за  зголемен обем на сообраќај особено кај пристапот до мобилен интернет во роаминг. Очекуваме дека истите ефекти ќе се постигнат и за нашите граѓани кои ќе патуваат во Грција и обратно, појасни Манчевски.

Грчкиот министер за дигитални политики и телекомуникации Никос Папас, пак, истакна дека се подготвени да ги преземат сите правни мерки и активности со цел граѓаните од двете држави многу брзо, уште во претстојната туристичка сезона, да имаат намалување во телекомуникациските сметки.

– Пред нас се отвораат многу можности и сметам дека и двете влади имаме обврска да го искористиме позитивно овој момент и атмосферата која може да носи добри новости за иднинатата, рече Папас.

Пред потпишувањето на Меморандумот се одржа работен состанок  на министрите Манчевски и Папас,  директорот на Агенцијата за електронски комуникации Сашо Димитријоски и заменик директорот на грчката Комисија  за телекомуникации и пошти Спирос Пантелис.

На состанокот  е заклучено дека се отстранети сите пречки и оти постои волја од двете страни за продлабочување на соработката, а прв чекор е потпишувањето на Меморандумот за разбирање за намалување на цените во роамингот.