Полицискиот час ќе трае две недели, но може и подолго

599
Ударот не е толку нагол како во ноември и тоа е значајна разлика. Многу е тешко сега да се каже дали ќе продолжи тој тренд или ќе се постигне некое плато, но мора да сме внимателни и спремни и во таа смисла е препораката на Комисијата да се ограничи движењето после 22 часот, рече Филипче.

Полицискиот час засега се предлага за две недели колку што трае еден епидемиолошки циклус, но тоа може да се измени, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

– Евидентно беше дека во текот на изминатите десетина дена се зголеми инциденцата на нови случаи во Скопје, Кавадарци, Неготино и во Охрид и тоа се одрази со зголемен прием во болниците. Во Кавадарци е исполнето одделението и почна да работи модуларната болница, исто е и во Прилеп, а во Скопје се врати во функција модуларната болница, сите интерни клиники се спремни како што беа во ноември. Ударот не е толку нагол како во ноември и тоа е значајна разлика. Многу е тешко сега да се каже дали ќе продолжи тој тренд или ќе се постигне некое плато, но мора да сме внимателни и спремни и во таа смисла е препораката на Комисијата да се ограничи движењето после 22 часот – рече Филипче.

Засега нема да има целосно затворање за време на викендите. Не се најавуваат нови рестриктивни мерки за рестораните, кои според Филипче работат со протоколи сосема доволни да се спречи ширењето на болеста. Министерот рече дека засега нема да препорачаат други мерки освен полицискиот час, а ни одлагање на пописот.

Филипче уверува дека има доволно слободни болнички кревети и дека ситуацијата не е толку критична и ризична.

– Нема разлика во делот на тежината на болеста, а има заразени во четвртата деценија и постари. Нема некоја значајна разлика од тоа што беше во претходните месеци – рече Филипче за клиничката слика на заболените.

Тој најави дека тимот кој ги евалуира упатставата за руската вакцина денеска ќе излезе со став за тоа кој ќе ја прими. Веројатно ќе бидат постарите лица во старечките домови, а граѓаните ќе се информираат за термини за вакцинирање преку матичните лекари.

Втората доза од руската вакцина ќе треба да се прими најдоцна за три недели и таа треба дотогаш да стаса што е обврска преземена од руската компанија.

На прашањето какви реакции имале здравствените работници кои ја примиле вакцината на „Фајзер“, министерот рече дека еден-двајца имале покачена температура, дека имало локална реакција како црвенило или блага болка или отоци во пазувата.