Рано утрово се судрија два источни ривали кој претендираат за самиот врв.
Милвоки Бакс ја пречека Филаделфија 76ерс во меч кој беше неизвесен до последниот звук на сирената.
Во својот прв официјален натпревар за новиот тим, Демиен Лилард одигра фантастично. По 11 години поминати во Портланд, пред нешто повеќе од еден месец ја промени средината. Седумкратниот “All Star” беше водечки стрелец со 39 поени и воедно најзаслужен за тесната победа од 118:117.
Со овој поентерски учинок Лилард го собори рекордот на франшизата од Висконсин за играч кој постигнал најголем број на поени во дебитантскиот настап за тимот. Претходниот рекорд го држеше Тери Камингс кој во својот премиерен натпревар за “елените” постигна 34 поени, во далечната 1984 година.
Гостите од Филаделфија беа во негатива од 19 поени пред почетокот на последната четвртина но, направија фуриозна серија и успеаа да го превземат водството. Кога беше најпотребно, Лилард приреди вистинско поентерско шоу постигнувајќи 14 од последните 16 поени на својот тим. Јанис Антетокумпо имаше “дабл-дабл” учинок од 23 поени и 13 скокови најавувајќи возбудлива сезона за поранешниот шампион кој смета дека годинава поседува се што е потребно за да го врати стариот сјај.
NBA FAN
Димитар Младеновски