NBA-Милвоки шампионски, Лејкерси изненадени дома (ВИДЕО)

663

Актуелниот NBA шампион, Милвоки Бакс, ја започна новата сезона победнички. На премиерата против еден од најголемите ривали за титулата оваа сезона, Бруклин Нетс, “елените” успеаја да слават доминантно (со конечни 127:104) во вечерта кога ги примија шампионските прстени.

Милвоки триумфираше на отворањето на новата сезона и покрај извонредната партија на Кевин Дурант (32 поени и 11 скокови). Јанис Антетекумпо покажа зошто Милвоки минатата сезона стигна до долгоочекуваниот шампионски пехар. Грчкиот интернационалец оствари „дабл-дабл“ учинок од 32 поени и 14 скокови (плус 7 асистенции) водејќи го својот тим до првата победа во новата сезона. И покрај 20-те поени на Џејмс Харден, “нетси” не успеаа да го скршат отпорот на домаќинот.

Во вториот меч синоќа, Голден Стејт  приреди изненадување и го совлада Лос Анџелес Лејкерс (со 121:114) на гостински паркет. “Воините” беа предводени од Стеф Кари кој постигна 21 поен а одлична вечер во своето деби за новиот тим имаше србскиот репрезентативец Немања Бјелица кој постигна 15 поени и 11 скокови. На спротивната страна ниту 67-те постигнати поени на Леброн Џејмс и Ентони Дејвис не беа доволни за прва победа во новото првенство.

NBA FAN

Димитар Младеновски